Вчера дојави за бомби пристигнаа на електронските адреси на 13 скопски училишта, по што беше утврдено дека сите биле лажни
На електронските адреси на 19 училишта во Скопје попладнево била упатена закана за поставена експлозивна направа, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што посочуваат оттаму веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите.
„Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“,
велат од МВР.
Вчера дојави за бомби пристигнаа на електронските адреси на 13 скопски училишта, по што беше утврдено дека сите биле лажни.
Полицијата денеска поднесе кривична пријава за малолетник кој двапати испратил дојави за бомби во училиштата во Кавадарци. Тој е обвинет за сторено кривично дело тероризам.
Во објавата на Министерството за конкретниот случај се наведува дека малолетникот во два наврата испраќал дојави за наводно поставени бомби во училишта во Кавадарци. Првата заканувачка порака за поставена експлозивна направа 15-годишникот ја испратил на 4 декември на електронските адреси на три основни и три средни училишта во Кавадарци.
Една недела подоцна, на 12 декември тој од истиот компјутер испратил заканувачка порака со слична содржина како претходната на службената електронска адреса на основно училиште во Кавадарци.
Дојавите за поставени бомби во кавадаречките училишта и во двата наврата се утврди дека се лажни.