Ѓорѓиевски рече дека се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5 350 квадратни метри. Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метра, со вкупна површина од 3 815 квадратни метри

До крајот на оваа година се очекува мостот на улицата „Љубљанска“ да биде ставен во функција, најави денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Со отворањето на овој мост ќе се поврзат улиците „Љубљанска“ и „Скупи“ и ќе се овозможи подобар пристап до Слокуќани, Бардовци и индистриската зона. Исто така, се очекува и намалување на сообраќајот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“.
Според Ѓорѓиевски, по години застој, сега продолжува финалната фаза од проектот. Вели оти е значајно е да се нагласи дека застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“ е надминат.
„Со сериозна работа и одговорен пристап, дозволата која моите претходници ја закочија е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет“,
рече Ѓорѓиевски кој денеска заедно со неговиот колега од Карпош, Сотир Лукровски премиерот Христијан Мицкоски беа на увид на градежните работи.
Ѓорѓиевски рече дека се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5 350 квадратни метри. Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метра, со вкупна површина од 3 815 квадратни метри.
Од двете страни на улицата рече дека се изградени потпорни ѕидови со 2 050 кубни метри бетон, атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност и прегледност.
Тој рече дека паралелно со ова, Град Скопје работи и на изградбата на мега парк на површина од 70 000 квадратни метри во Карпош, со партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и урбана опрема.
