Полицијата веднаш презела мерки за безбедно евакуирање на лицата од објектите и во тек се антитерористички проверки
Во денешната серија бомби цел се и 15 училишта од кои 10 во Скопје и пет во Битола, потврди МВР.
Засега од МВР нема информација кои школи добиле закани, меѓутоа градоначалникот на скопската општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека осум училишта во оваа општина примиле дојави.
„Апелирам на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во вакви случаи. Досега сите дечиња се на безбедно, евакуирани од просториите на училиштата и се во придружба на наставниот кадар. Веднаш по информациите разговарав со надлежните во полициската станица од општа надлежност Гази Баба со цел веднаш да се преземат сите неопходни мерки за проверка на пристигнатите информации. Излезен сум на терен заедно со вработени од општинската администрација со цел увид на спроведувањето на протоколите за евакуација. Се ставаме целосно на располагање за безбедно згрижување на сите дечиња“,
напиша Стефковски.
Според неговата објава заканите се до училиштата: „Григор Прличев“, „Наум Наумовски Борче“, „Крсте Мисирков“, „Кирил и Методиј“, „Крум Тошев“, „25 Мај“, „Дане Крапчев“ и „Наум Охридски“.
Исто така, дојава има и во основното училиште „Коле Неделковски“ во Центар, како и во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

Закани за поставена експлозивна направа стигнало и во хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје, како и во спортската сала „Борис Трајковски“.

Како што веќе објавивме, дојави има и во хотелот „Александар палас“ каде што денеска требаше да се одржи годишна конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, а на која беше најавено присуство на премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и финансии, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими.
Веќе објавивме дека закани пристигнале и во трговскиот центар „Ист гејт мол“, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и на Меѓународниот аеродром Скопје поради што привремено се откажани сите летови.
Од МВР велат дека по добиените пријави полицијата веднаш презела мерки за безбедно евакуирање на лицата од објектите и во тек се антитерористички проверки.