„На изборите за членови на Советот на Општина Тетово, Движење Беса има најмногу – 12 советници, ДУИ има 11 советници, ВМРО-ДПМНЕ има четири советници, СДСМ двајца и по еден советник имаат ДПА и Алтернатива. Другите кандидатски листи немаат доволно гласови за советници“, изјави Назми Даути, секретар на Општинската изборна комисија Тетово
Според законските прописи, Советот од денот на доделување на уверенијата има рок од 20 дена да се свика конститутивна седница
Општинската изборна комисија (ОИК) Тетово денеска ги додели уверенијата за новоизбраните советници по вонредните избори за членови на Совет на Општината кои се одржаа на 20 август.
Од вкупно 84 071 граѓанин со право на глас, на изборите за членови на Советот на Општина Тетово гласале 29 690 избирачи или 35,31 проценти.
„На изборите за членови на Советот на Општина Тетово, Движење Беса има најмногу – 12 советници, ДУИ има 11 советници, ВМРО-ДПМНЕ има четири советници, СДСМ двајца и по еден советник имаат ДПА и Алтернатива. Другите кандидатски листи немаат доволно гласови за советници“,
изјави Назми Даути, секретар на ОИК Тетово.
Во изјави за медиумите дел од советниците посочија дека сè уште е рано да се зборува за формирање мнозинство.
„Ќе работиме во интерес на граѓаните на Тетово во реализација на програмата и проектите кои ги ветивме на граѓаните. Се надевам дека деновиве ќе се знае мнозинството и мислам дека во законскиот рок ќе го дознаете и мнозинството. Во Тетово опозицијата на централно ниво, победи на локално ниво. Опозицијата го има мнозинството, се надевам дека тоа мнозинство ќе расте и дека нема да имаме кочници од другите политички партии“,
изјави Ангел Карапетров од ВМРО-ДПМНЕ.
Беса Кадриу од Движењето Беса истакна дека како политички субјект кој има мнозинство се подготвени сегашниот совет да биде конструктивен и со другите политички партии кои имаат легитимност.
„Со другите зборови оние политички партии кои го имаат добиено мнозинството во македонскиот политички блок секогаш ние треба да покажеме конструктивност за да го почитуваме одлуката на народот“,
изјави Кадриу од Движењето Беса.
Од советничката група на ДУИ сметаат дека според резултатите ќе бидат опозиција во Советот.
„Ќе бидеме една силна опозиција со СДСМ, ДПА и со Алтернатива. На новото мнозинство во Советот на Општината му посакуваме многу успеси во тој случај. Сакам да ве уверам дека ДУИ ќе биде конструктивна политичка сила. Ќе поддржиме сите проекти за доброто на граѓаните и ќе ги поддржиме иницијативите за добро на градот“,
изјави Лиридон Диша од ДУИ.
Советот на Општина Тетово има 31 советник. Според законските прописи, Советот од денот на доделување на уверенија има рок од 20 дена да се свика конститутивна седница.