Инфективната клиника во Скопје има најмногу пациенти, поради што се отвора модуларната болница во кругот
Вкупно 763 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во земјава и има околу 350 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 24 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Бројот на оние кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град е 306 или речиси половина од вкупно 763 во цела држава.
Најмногу приеми има на интерните клиники – 11 приеми, потоа 9 во ГОБ „8 Септември“и четири на Инфективната клиника.
Поради исполнетост на капацитетот на Инфективната клиника, каде има 92 пациенти, министерот за здравство Венко Филипче најави дека од денеска во функција е ставена и модуларната болница во кругот на Инфективна, која беше надвор од употреба откако опадна бројот на заразени. Но сега поради порастот, кој во февруари бил дури за 56 повеќе од претходно, овие капацитети ќе се користат за хоспитализација на ковид-пациенти.
Во ковид-центрите во болниците во другите градови е пријавено дека се лекуваат вкупно 457 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 25 пациенти, во Штип се хоспитализирани 36, во Тетово 13, во Велес 26 болни, во Куманово 72, во Охрид 56 пациенти, во Прилеп 78, во Гостивар 17, во Струга 20, во Струмица 29 пациент, во Кочани седум, во Кичево шест, Кавадарци 50, во Гевгелија девет лица, а во Дебар 13 позитивни и сомнителни на коронавирусот.