Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ја оцени како тенденциозна иницијативата на Антикорупциска за кривично гонење на ексминистерот за култура од редовите на оваа партија и кажа дека зад неа постојат зли намери
Антикорупциската комисија (ДКСК) остро ја осуди изјавата на претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во однос на иницијативата за кривично гонење на поранешниот министер за култура од редовите на оваа партија, Хусни Исмаили, поради злоупотреба на службената положба и овластување.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во изјава за ТВ Сител иницијативата на Антикорупциска ја оцени како тенденциозна и кажа дека зад неа постојат зли намери. Тој додаде дека се работи за многу индикативна иницијатива започната од политички структури, целосно политизирана.
Од ДКСК, пак, нагласуваат дека било каков обид за политизирање на работата и одлуките што ги носи Антикорупциска може само да им наштети на напорите и борбата против корупцијата во државата.
„Со ваквите изјави не само што се прави обид да се наштети и дискредитира работењето на ДКСК, туку се прави обид и за влијание врз другите органи и институции што треба понатаму да ги проследат нејзините иницијативи и препораки, што е спротивно и на укажувањата на последните извештаи за напредокот од страна на Европската комисија во однос на ДКСК, како и неодамнешните заклучоци од Советот за општи работи на ЕУ дека треба да се почитуваат препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата“,
соопшти Антикорупциската комисија.
Антикорупциска ја покрена на иницијативата за кривично гонење на ексминистерот за култура Исмаили, кој оваа функција ја извршуваше од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со склучени договори и анекс-договори во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Претседателот на парламентот Талат Џафери изјави денеска дека пресумпцијата на невиност е темел на правниот поредок на државата, коментирајќи ја можноста Исмаили, кој сега е пратеник на Алтернатива, да биде избран за нов потпретседател на Собранието.