Претседателката на Антикорупциска вели дека откако ДКСК ќе обезбеди дополнителни податоци за другите кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители ќе донесе одлука со цел да се постапува за сите подеднакво
Дали и како Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) ќе постапи понатаму во случајот со синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, Барлет, кој е кандидат за иден обвинител, антикорупционерите ќе одлучат откако ќе си соберат податоците за сите кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.
Барлет Џафери е еден од 58. кандидати што ја завршија Академијата и за кои во понеделникот беше објавена конечната ранг-листа. Тоа значи дека тие го исполниле и последниот услов за се пријават на некои од идните огласи за јавни обвинители или судии и да бидат избрани. Меѓутоа, неговото име ја бранува јавноста уште од ноември 2022 година кога ДКСК обелодени дека тој положил правосуден испит пред да дипломира. Правосудниот испит е услов за некој понатаму да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, вели дека имајќи предвид дека тоа било масовна појава и повеќе од 400 студенти добиле уверенија за 180 кредити, Антикорупциска ќе обезбеди податоци и за тоа какви се случаите со другите кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители, па ќе постапи исто за сите.

„Имајќи предвид дека постои сомнеж за појава, бидејќи повеќе од 400 студенти добиле уверение за VII/1 за 180 кредити, ДКСК по обезбедување на дополнителни податоци и за останатите кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители ќе донесе одлука за постапување еднакво за сите“,
вели Ивановска за „360 степени“.
Нејзината изјава доаѓа откако вчера партијата ВМРО-ДПМНЕ излезе со тврдење дека постои законски основа да се спречи Барлет Џафери да стане обвинител врз основа на Законот за општа управна постапка. Тезата во јавноста ја изнесе пратеникот Антонио Милошоски наведувајќи дека полагањето правосуден испит е управна постапка со оглед дека ја поведува кандидатот со поднесување барање до Министерството за правда и завршува со Уверение за положен правосуден испит кое претставува управен акт.
„Решението на овој правен и политички скандал со Б. Џафери лежи во примената на членот 124 од Законот за општата управна постапка, каде што е утврдено дека за ништовен се огласува управниот акт кој со своето извршување би можел да предизвика некое дело казниво според Кривичниот законик и во други закони и што содржи неправилност, која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништовност. Во конкретниов случај, Уверението за положен правосуден испит издадено на Б. Џафери е управен акт“,
тврди Милошоски.

Во случајот, според него, ДКСК врз основа на членот 125, како орган кој дознал дека за овој управен акт (правосудниот испит) е повреден законот, треба да го извести Министерството за правда дека има такви сознанија.
Инаку, покрај ваквите случаи со предвремено положени правосудни испити, јавноста деновиве ја брануваат и реакции за тоа кои се ќе биде иден судија или обвинител со оглед дека покрај Барлет Џафери, меѓу кандидати што ја завршија Академијата се најдоа и имиња на деца и блиски роднини на функционери, јавни обвинители и судии, меѓу кои и: снаата на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, сопругата на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, синовите на обвинителката Елизабета Јосифовска и на судијата Енвер Беџети.