Од ДКСК побараа новата влада преку личен пример да придонесе за промена на перцепцијата и наместо лица блиски до власта јавните функции да ги извршуваат лица што се најдобри за таа позиција
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, побара од новата влада преку личен пример да придонесе за промена на перцепцијата. Таа додаде дека наместо лица блиски до власта, јавните функции треба да ги извршуваат лица кои се најдобри за таа позиција бидејќи, како што вели, потребен е „прав човек на право место, оти луѓето го градат општеството“.
„Ако некој функционер се откаже од своите привилегии, се откаже од злоупотребата на државните средства или, пак, од вработувањето на неговите блиски лица, туку во својот кабинет стави луѓе коишто го заслужуваат тоа место и ќе придонесат со своето стручно и професионално знаење таа институција да тргне напред, мислам дека тогаш ќе има некаква надеж“,
смета претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска.
Ивановска во гостување на ТВ Телма истакна оти носителите на јавните функции треба да бидат свесни дека системот треба нормално да функционира без разлика дали се тие на чело или не.
„Ризикот од политичка корупција и политичко влијание е највисок. Понатаму следува ризикот од неказнивост и незадоволството од судиите. Тие се основните ризици што треба да ги надминеме“,
порача Ивановска.