Антикорупционерите го потсетуваат првиот вицепремиер дека четири години по ред ДКСК добива позитивни оценки од ЕК, која бара другите институции да постапат по нивните препораки и велат дека ги зачудува фактот што Груби не ја признава оценката од Брисел, а истовремено се залага за брз влез во ЕУ
Немаме капацитет да се возиме во службени возила 24/7 и за приватни потреби, но имаме капацитет да се избориме со вашите оркестрирани напади.
Ова е дел од одговорот на Државната комисијата за спречување корупција (ДКСК) до првиот вицепремиер Артан Груби кој синоќа ги критикуваше антикорупционерите велејќи дека има сомнеж за нивните капацитети за работа.
„Во право сте, господине Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи многубројни иницијативи и препораки кои сè уште чекаат ред и време за да се постапи по нив“,
велат од ДКСК.
Оттаму го потсетуваат групи дека Антикорупциска четири години по ред во извештаите на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава добива позитивни оценки за проактивност и отворање случаи, но и оти од Брисел ги повикуваат преостанатите институции да постапат по нејзините препораки.
„Зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ Вие не ја признавате и изнесувате неосновани обвинувања, а истовремено се залагате за брз влез во ЕУ. ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста“,
велат од Антикорупциска.
Тие потсетуваат дека ова е само еден од последните напади од владини функционери, односно дека пред неколку дена од кабинетот на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска ја обвинија ДКСК во однос на работата за предмети поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, како и тоа што, како што тврдат, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на билатералниот скрининг со ЕУ за образование, култура и спорт, кој се одржа во Брисел, барал од претседателката Билјана Ивановска да не ја известува ЕК за тужбата што против антикорупционерите ја поднесе директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.
Првиот вицепремиер Артан Груби обвинувањата кон ДКСК ги изнесе синоќа во гостувањето во „Тема на денот“ во „Дневникот“ на ТВ Сител. Меѓу другото, тој рече дека ѝ верува на институцијата, меѓутоа има сомнеж на нејзините капацитети.
„Огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите за тоа што го работи ДКСК и се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, немаат ниту еден успех откако се на мандат“,
рече Груби.
