Од Одделот за внатрешна контрола при МВР констатирале дека полицаецот И. А. Х., дозволувајќи неговата службена легитимација да биде употребена за лични цели од неговиот син, постапил спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи

Против полицискиот службеник И. А. Х., чиј син ја злоупотребил службената легитимација и се претставил како полициски службеник, Министерството за внатрешни работи ќе поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за нарушување на работниот ред и дисциплина.
Од МВР велат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, презеле мерки постапувајќи по претходна пријава дека Ф. Х. ја злоупотребил службената легитимација на неговиот татко И. А. Х., кој е службеник во полициското одделение Сарај.
По преземени мерки, додаваат од МВР, било констатирано дека Ф. Х. на 21.03.2025, управувајќи приватно моторно возило, следел друго лице и во близина на селото Смилковци и клучката кај селото Стајковци се претставил како полициски службеник и ја покажал службената легитимација на неговиот татко.
„Притоа, Ф. Х. физички го нападнал лицето, кое потоа настанот го пријавило во полициска станица. Во врска со настанот, СВР Скопје во соработка со јавен обвинител, против Ф. Х. ќе поднесе кривична пријава за ‘насилство’ по член 386 од Кривичниот законик“,
се вели во соопштението од МВР.
Од Одделот за внатрешна контрола при МВР констатирале дека полицаецот И. А. Х., дозволувајќи неговата службена легитимација да биде употребена за лични цели од неговиот син, постапил спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи поради што и ќе поднесат предлог за поведување дисциплинска постапка.
Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираа дека е поведена постапка против 20-годишник осомничен за кривично дело – насилство, затоа што на 21 март попладне, на обиколницата во Скопје во близина на клучката кај Стајковци мавтал со полициска значка која всушност му припаѓала на неговиот татко, а потоа извадил нож.