„На оваа јавна набавка конкурираа четири фирми, што не беше случај во изминатите шест години, кога само една фирма која конкурирала, секогаш го добивала тендерот на максималната вредност. Избраната компанија има доставено сериозно висока банкарска гаранција во висина од 20 милиони денари“, вели директорот на СОЗР
СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка

Одговорно тврдам дека во никаков облик не постојат мои роднински врски со сопствениците на компанијата „Праеториан“, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски. Демантот на Томовси доаѓа откако денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на прес-конференција обвинија дека тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во текот на самата тендерска постапка.
„Службата за општи и заеднички работи со компанијата ’Праеториан’ склучи договор за ’физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа’ во времетраење од три години во вредност од околу 3 милиони евра. На оваа јавна набавка конкурираа четири фирми, што не беше случај во изминатите шест години, кога само една фирма која конкурирала, секогаш го добивала тендерот на максималната вредност. Избраната компанија има доставено сериозно висока банкарска гаранција во висина од 20 милиони денари“,
пишува Томовски во објава на неговата фејсбук-страница.
Томовски: „Праеториан“ на никаков начин не е поврзана со мене
Тој додава дека се шпекулации информациите што се изнесуваат во јавноста за наводни фамилијарни врски со избраната компанија.
„Жалам што, наместо да се нагласи заштедата од 30 милиони денари за државниот буџет, што не било случај во минатото, јавноста се дефокусира со неосновани обвиненија адресирани на моја сметка. Одговорно тврдам дека во никаков облик не постојат мои роднински врски со сопствениците на избраната компанија“,
додава Томовски.
Томовски додава дека во неговото работење „секогаш се води според принципите на моралност, транспарентност и во интерес на државата и нејзините граѓани, посочувајќи дека ја разбира нелагодноста на оние кои со години биле научени за сметка на народот да печалат огромни суми на пари, без конкуренција и на однапред познати и договорени тендерски услови, но таа практика по смена на власта заврши“.
„Во однос на пишувањата и дел од прозивките за наводно наместениот тендер, сакам резолутно да ги отфрлам и демантирам ваквите наводи и да посочам на следните факти: Факт број еден – Тендерот за обезбедување кој го спроведе СОЗР вметна за главен услов најниска цена, и внесе обезбедување на конкуренција во наддавањето, што придонесе за истата работа од претходно, сега да се постигне пониска цена за половина милион евра и исто толку пари на граѓаните се заштедија во државниот буџет. Факт број два – Добитникот на тендерот, компанијата ’Праеториан’, на никаков начин не е поврзана со мене, ниту му припаѓа на некој мој роднина. Ова е чиста дезинформација и обид за манипулација на јавноста“,
додава Томовски во објавата.
Тој додава дека извршиле процес на реформи во насока на зголемување на конкуренцијата што создава услови за намалување на трошоците за државата, што предизвика реакција од оние што се навикнати на старите практики, во кои немаше конкуренција и тендерите беа наместени.
„Тие, очигледно, не се подготвени да прифатат дека новата власт работи во интерес на народот и во услови на транспарентност и отчетност. Оттаму, ја разбирам и загриженоста и нервозата на дел од конкуренциjата која деновиве ги пласираше шпекулациите упатени на моја сметка. Сакам на сите да им порачам дека очигледните фабрикувани наводи нема да ме спречат да продолжам со посветена работа за доброто на државата. Напротив, овие неосновани обвиненија ќе ми дадат дополнителна мотивација да продолжам функцијата да ја извршувам чесно, транспарентно, отчетно и законски во интерес на државата и граѓаните“,
додава Томовски.
Според него, „одредени политички структури во минатото ја цеделе оваа институција преку разни сомнителни набавки и многу фирми сакаат така да продолжи работата како што тоа го правеле со минатата влада, навикнати на корупција и на функционери кои ги полнат џебовите на сметка на народот“.
„Така не може и не смее и најостро ќе се спротивставам на тоа што се случувало“,
додава Томовски во објавата на Фејсбук.
СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка.
„СОЗР, орган во рамки на Владата склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата ’Праеториан ДООЕЛ’, вреден 3,5 милиони евра. Огласот за тендерот бил распишан на 10 октомври 2024 година и до тогаш, компанијата е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а управител е Анета Јарчева. Но, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски, роднина на Томовски, влегува во ’Праеториан ДООЕЛ Скопје’“,
изјави на прес-конференција Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

Тој обвини дека „Владата на ВМРО-ДПМНЕ овозможува коруптивни шеми за лични интереси на функционерите од власта“.
Фирмата „Праеториан“ од Скопје заедно со „Фил-руж“ од Свети Николе ќе врши „физичко, техничко и патролно обезбедување на објекти на државната управа“ во следните три години за сума од 187 милиони денари или околу три милиони евра. Тендерот е спроведен од владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР). Одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена на 23 декември 2024 година, а во меѓувреме е потпишан и договорот.
Што објави РСЕ
За склучениот договор за обезбедување на државните објекти меѓу СОЗР и компанијата „Праеториан“ вчера објави Радио Слободна Европа (РСЕ), поставувајќи го прашањето дали во „Праеториан“работат роднини на директорот на СОЗР, Томовски.
Како и потпретседателот на СДСМ, Илиевски и РСЕ вчера објави дека СОЗР го распишала огласот на 10 октомври 2024 година и дека до тој момент, компанијата „Праеториан“ е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а како управител е заведена Анета Јарчева.
Сепак, според документите што ги објави РСЕ, осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски влегува во „Праеториан“. Два дена претходно, на 16 октомври, сопствениците на компанијата поднесуваат барање до Централниот регистар за регистрирање на подружница и именување на нејзин раководител, а тоа е Власе Танаскоски.
Адресата на која е регистрирана подружницата на „Праеториан“ е на улица „7 Ноември“ бр. 262 во Охрид. РСЕ пишува дека е симптоматично тоа што на оваа адреса се наоѓа седиштето на компанијата „Гашо пласт“, чиј сопственик e Дарко Гашиќ, кој, пак, е прв братучед на директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Новинарите на РСЕ му ги предочиле овие информации на директорот Томовски, прашувајќи го и за роднинските врски со Танаскоски и Гашиќ, но и потенцијалниот непотизам и судир на интереси, на што Томовски одговорил дека такво нешто нема.
Тој за РСЕ рекол дека нема информации оти Власе Танаскоски е дел од „Праеториан“ и дека подружницата на која тој е раководител е регистрирана на адреса на фирмата на неговиот прв братучед Дарко Гашиќ.
За Власе Танаскоски вели дека не му е прв братучед. На прашањето на РСЕ во каква роднинска врска се, Томовски вели „може да му биде некој многу далечен роднина, а можеби и ништо“, додека за Дарко Гашиќ потврдил дека му е братучед.
Што кажа Томовски за договорот во интервјуто за „360 степени“
Во врска со договорот, Томовски беше прашан и во интервјуто за „360 степени“ емитувано вчера на МРТ 1.
Имено, на прашањето дали тоа што „Праеториан“ за 2023 година има приходи од само 220 илјади евра, додека „Фил-руж“ од 250 илјади евра, а сега добиваат договор кој тежи еден милион евра годишно, може да го доведе во прашање квалитетот на услугата, директорот на СОЗР рече дека, како и за многу други тендери „и овдека направив олеснување на условите за најмалку педесет проценти, за да може да се зголеми конкуренцијата“.

На прашањето дали за него е аларм пресметката што ја направила една од фирмите кои конкурирале, која покажува дека кога вкупната сума ќе се подели со бројот на луѓе неопходни за да се изврши услугата и периодот, се добива количник кој е понизок од сумата за исплата на минимална плата на тие луѓе, Томовски рече дека се чувствува сосема спротивно.
„За мене, искрено, ова е радост, затоа што сум ја заштедил државата или буџетот на државата за 30 милиони денари. Реално, како човек од страна на државата, за мене е некаква предност бидејќи не давам енормни цени. Со тие 30 милиони денари во иднина ќе планираме некои други дупки, да не речам, да закрпиме, некоја вила да реновираме и да пуштиме некој нов објект“,
рече Томовски во интервјуто за „360 степени“.