Во изјава за медиумите, претставниците на синдикатите раскажаа дека утрово по дојавата имале инцидент со в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, кој, според нивните кажувања, го обвинил претседателот на Независниот синдикат на возачи, Африм Муча, дека стои зад денешната закана со бомба
„Африм, ќе видиш што ќе ти се случи, ова ти го направи денеска“, се зборовите со кои в.д. директорот на ЈСП, според тврдењата на синдикатите, му се обратил на Муча кој, пак, најави дека ќе го тужи за клевета поради ваквите обвинувања
Кога се доведовме во ситуација македонскиот работник во очај, во безизлезност, не можејќи да ја прехрани својата фамилија, да се заканува по неговиот живот и животот на другите, тогаш ние како држава и Град Скопје го допревме дното, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, коментирајќи ја заканата од вработен во ЈСП дека ќе постави бомба во еден од автобусите затоа што немаат земено плата поради што утрово главниот град остана без градски превоз.
„Не смееме да си дозволи ваква ситуација, посебно во јавниот градски превоз, кој го опслужува целиот Град Скопје и да се доведеме полицијата да ги проверува автобусите зашто некој што го основал ова претпријатие не ни дал плата за да може да ги прехраниме нашите фамилии и таа плата да е заслужено сработена“,
рече Димовски.
Тој, како и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, денеска застана зад синдикалните организации во ЈСП упатувајќи заеднички апел на вработените да им се исплатат септемвриските плати, за кои законскиот рок беше до 15 октомври.
Во изјава за медиумите претставниците на синдикатите раскажаа дека утрово по дојавата имале инцидент со в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, кој, според нивните кажувања, го обвинил претседателот на Независниот синдикат на возачи, Африм Муча, дека стои зад денешната закана со бомба.
„Денеска добивме информација дека имало пријава за бомба, заедно со колегите околу 7:30 ч. дојдовме тука. Само што пристигнавме, имав мала расправија, инцидент со в.д. директорот Александар Стојковски, кој јавно пред службените лица мене ме обвини дека јас сум тој што е виновен за целосната ситуација што се случи. Голем срам е еден директор тоа да го изјава, од утре адвокатот е ангажиран и ќе му поднесам пријава за клевета за директорот кој ме обвини пред сите тука, дека јас сум бил тој. ’Африм, ќе видиш што ќе ти се случи, ова ти го направи денеска‘ – со тие зборови ми кажа. Тоа е голем срам за еден директор, наместо да нè повика сите заедно да разговараме, синдикатите, тој тоа не го направи, не се јавува ни на телефонски. Мудро си ќути и си гледа“,
рече Муча.
Инцидентот го осуди и Ралповски од КСС, кој побара директорот јавно да се извини.
„Како раководство на КСС денеска се случи една непријатна ситуација со нашиот претседател Африм Муча и затоа бараме од директорот јавно да излезе и да се извини за оваа ситуација што се случи со обвинувањата околу поставената бомба. Не треба да го бара виновникот ниту во синдикатот ниту во работниците туку во самиот себе и во Градот Скопје. Под итно да седнат и да си направат калкулација како да се исплати плата не само овој месец туку и до крајот на годината како ќе функционира јавното претпријатие“,
рече Ралповски.
Како што на истата прес-конференција информираа претставниците на сите репрезентативни синдикални организации, тие денеска ќе се појават на вонредната седница на Советот на Град Скопје за да побараат да им се исплатат платите. На градските власти им дадоа рок до денеска, а доколку до крајот на денот не добијат плата најавија дека утре наместо на работа во 4:30 часот, ќе протестираат заедно со нивните семејства пред ЈСП.
Денеска, како што рекоа, автобуските ќе сообраќаат, но за утре зависи од тоа дали ќе им се исплати заостанатата плата.
За тоа кој го организира протестот пред Владата што вчера го најавија од Град Скопје со обвинувања дека централната власт должи на ЈСП пари за ученички превоз, од синдикатите рекоа дека не знаат и тие сигурно нема да се појават на тој протест.