Првичната анализа на Извештајот за напредокот презентиран вчера, според вицепремиерот за европски прашања, покажал дека во одредени кластери имаме поголем напредок од Србија и Црна Гора кои веќе преговараат
Извештајот е сеопфатна и реална анализа на состојбата и наша референтна точка за тоа во кој правец треба да се движат реформите. Ова е оценката на Извештајот на ЕК што денеска во седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје ја кажа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Тој рече дека е направена првичната анализа и допрва ќе се прави подлабока по кластери. Тој рече дека по двата критериуми на кои се базира Извештајот оценките се добри: Вкупната подготвеност (за членство) е со високо ниво, а напредокот е солидно темпо во споредба со лани.
„Имаме најголема подготвеност со средна оценка од 3,02 во областите и поглавјата од Кластерот 1 – темели/фундаменти, дури и во однос на земјите кои повеќе години преговараат за членство. Србија со средна оценка од 2,68 и Црна Гора со средна оценка од 2,83“,
рече Димитров и додаде дека споредбата на напредокот и вкупната подготвеност не е за да се фалиме колку сме направиле туку токму во насока за да има еден вид реформски натпревар во нашиот регион.
Димитров посочи дека имаме солидно ниво на подготвеност и во Кластерот 3 – конкурентен и инклузивен раст, на исто рамниште со Црна Гора, кои веќе ги имаат отворено поглавјата од овој кластер и со Србија, која пак доби препорака за отворање на поглавјата од овој кластер. Оваа констатација за ниво на подготвеност важи и за Кластерот 4 – зелена агенда и одржлива поврзливост, каде што сме исто рангирани со Србија и каде што Комисијата даде препорака за отворање на овој кластер.
Во Кластерот 5 – ресурси, земјоделство и кохезија, според Димитров, земјата е прворангирана во регионот со средна оценка од 2,8, додека двете земји кои веќе преговараат имаат оценка 2,6.
Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2021 година е 3,11 или описно – добро ниво на подготвеност. Од аспект на остварениот напредок, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 29 од вкупно 30 области, додека во останатите десет има помал напредок, во однос на напредокот во минатиот извештај. Од аспект на подготвеност, во 90 проценти од областите имаме делумна или добра подготвеност за членство.
„Од наша гледна точка формалниот почеток на пристапните преговори ќе биде огромен политички поттик. Поттик, за спроведување на подлабински реформи, со забрзана динамика, не само со усогласување на правото со ЕУ, туку и во суштинска имплементација на усвоената легислатива“,
изјави Димитров.
Од политичките пораки, посочи Димитров, јасно е дека е крајно време да се почне пристапниот процес, за што самата ЕК вели дека влијае многу негативно на кредибилитетот на ЕУ во регионот.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, на почетокот го претстави Извештајот на ЕК за напредокот на земјата на 113 страници.
„Европската комисија потврди дека Република Северна Македонија ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство и смета дека одложувањето има негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ“,
истакна евроамбасадорот Гир, додавајќи дека треба да бидат засилени напорите за решавање на прашањето со Бугарија и да продолжи и имплементацијата на билатералните договори со Бугарија и со Грција, од сите страни потписници.
Понатаму, тој го повтори она што е напишано и во Извештајот дека земјата покажа цврста решеност да напредува кон ЕУ, одржува чекор во реформите и има резултати и дека треба да продолжат напорите поврзани со борбата против корупцијата, владеење на правото и реформа на администрацијата.
Тој денеска им го предаде Извештајот и на претседателот Стево Пендаровски и на премиерот Зоран Заев.