Шефот на дипломатијата Никола Димитров на министерската конференција ЕУ – Западен Балкан во Солун, го искористил будењето и преживувањето на главниот протагонист во филмот „Денот на мрмотот“ (Graundhog day), постојано и постојано во еден ист ден, за да го опише чувството на земјава во обидите да ги почне преговорите за членство во ЕУ
Заслужуваме да се придвижиме, да го започнеме новиот ден во процесот на интеграција во Европската Унија, порачал министерот за надворешни работи Никола Димитров пред колегите од земјите членки на ЕУ и од регионот на денешната конференција „Од Солун до Загреб“.
„За мене, за мојата држава Северна Македонија, чувството е, и го кажав тоа пред министрите, како на главниот протагонист во филмот ‘Денот на мрмотот’ (Groundhog day). За оние од вас што го гледале овој филм, станува збор за метеоролог кој постојано се буди во истиот ден, преживува повторно и повторно еден ист ден, сè додека не направи сè совршено за да се разбуди во следниот ден. Не мислам дека сме совршени. Но, мислам дека имаме многу силни аргументи, како решавањето на спорови кои се стари со децении и домашната реформска агенда. Мислам дека заслуживме да се придвижиме, да го почнеме следниот ден, што во суштина е процесот за пристапни преговори“, изјави Димитров во Солун.
Тој рече дека некои министри на конференцијата зборувале со поезија и со песни, па еден рекол дека регионот многу наликува на песната „Не можеме да живееме со вас, но и без вас“, кога станува збор за Европа. Јас, вели Димитров, го употребив филмот за да илустрирам каде се наоѓаме.
*поврзана вест Церар од Солун: Оптимист сум за одлука за преговори во март