Во Брисел е шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, кој ќе учествува на министерскиот состанок на НАТО. Предвидена е и средба со унгарскиот колега Сијарто, што ќе биде прв состанок на високо ниво меѓу Скопје и Будимпешта откако владата на Виктор Орбан реши да му одобри политички азил на Груевски. Димитров, заедно со вицепремиерката Шекеринска ќе се сретне и со еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан со кои, меѓу другото, ќе се разговара за текот на реформскиот процес од кој во Брисел се очекуваат повлидливи резултати. Договорот од Преспа секако ќе биде неизбежна тема.
„360 Степени“ направи интервју со Димитров во Брисел.
– Ние, за жал, дури и Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, меѓутоа и генерално, сите претставници на држави, во полето на меѓународни односи, немаме многу простор. Делуваме меѓу разни столбови коишто се интересите, меѓу принципи коишто се исто така на некој начин столбови, и во тие рамки, уметност на можноста е како да ја туркате работата кон своето, ама да не ги повредите столбовите. А за средбата (со Сијарто н.з.) ќе биде малку слично на ова што го опишав. Ние имаме компатибилни интереси од една страна со Унгарија, таа е држава што долго време ја поддржува европската и евроатланската интеграција на целиот Балкан, меѓудругото во тие рамки и на Македонија. Од друга страна, имаме една крупна разлика во однос на целиот случај околу Никола Груевски. Јас мислам дека ние мора да продолжиме со сите правни средства, со сите политички средства, да се обидеме да го покриеме нашиот интерес, да го вратиме Груевски во системот на владеење на правото во Македонија, без притоа да го срушиме овој интерес каде што ни се поклопуваат ставовите со Унгарија. Особено месеци пред да зачекориме одлучно кон членството кон НАТО, да започнеме преговори со ЕУ итн – рече Димитров.
Целото интервју од видеото.