Тој кажа дека сомнежите за политичко влијание врз обвинителството се појавиле уште при самото назначување на првиот човек на оваа институција, со оглед на тоа што тој бил предлог на премиерот Христијан Мицкоски
Генералниот секретар на СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ не ги интересираат ниту националните интереси, ниту спроведувањето на реформите. Тој нагласи дека единствен консензус што имаат во нивната партија е само за крадење пари од тендери

Скандалозно е премиер на држава да излезе на телевизија и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, вели генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Димитријевиќ, во вечерашното интервју во „Тема на денот“ на телевизија Сител, посочи дека обвинителството и судството мора независно да си ја работат работата и недозволиво е функционери на ВМРО-ДПМНЕ да се обидуваат да го оправдаат однесувањето на премиерот и да ја претстават таквата комуникација како нормална.
„Скандалозно е премиер на една држава, една ваква држава во која што има јасно определена власт, да излегува на телевизии и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, па згора на тоа и јавниот обвинител го потврдува тоа и вели: ‘Да, се слушнавме со премиерот, разговаравме’“,
рече тој.
Според генералниот секретар на опозициската партија, загрижувачки е што високи функционери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои портпаролката Марија Митева и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се обидуваат да ја дефокусираат јавноста и да го оправдаат ваквото однесување како нормално.
Тој кажа дека сомнежите за политичко влијание врз обвинителството се појавиле уште при самото назначување на првиот човек на оваа институција, со оглед на тоа што тој бил предлог на премиерот Христијан Мицкоски.
Димитријевиќ потсети дека ова не е изолиран инцидент и дека премиерот во повеќе наврати, вклучително и од собраниската говорница, јавно му сугерирал на обвинителството како да постапува, додека институциите останале неми на притисоците и заканите кон опозицијата.
„Во последниве две години сѐ што е ненормално стана нормално и треба да се престане со тоа“,
кажа Димитријевиќ.
Тој беше прашан и околу тоа зошто СДСМ не подава рака и не прифаќа подадена рака за заеднички да се изгради став за националните прашања со кој ќе се настапи надвор откако вчера и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека опозицијата да покаже зрелост за спроведувањето на потребните реформи.
Генералниот секретар на СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ не ги интересираат ниту националните интереси, ниту спроведувањето на реформите. Тој нагласи дека единствен консензус што имаат во нивната партија е само за крадење пари од тендери.
Димитријевиќ потсети дека СДСМ во повеќе наврати покажа подготвеност за соработка за прашањата кои се од национален интерес, но дека од страна на власта никогаш немало повратен одговор и искрен пристап за вистински консензус.
„Минатата година претседателот Филипче повика на лидерска средба после трагедијата во Кочани во којашто не е точно дека не сме подале рака. Подадовме рака во делот на носењето на реформската агенда и законите коишто се дел од истата. Еве една година подоцна гледаме како и премиерот и министерот Филков го третираат тој договор и го третираат тоа парче хартија тотално безвредно. Така да, СДСМ покажала и кога требало носела клучни одлуки во државата и никогаш не го спречувала патот на Македонија напред“,
рече тој.
Прашан дали како партија ќе останат на бојкотот на работната група за изборниот законик и дали планирате да го закочат неговото донесување во Собранието преку механизмот кој е достапен за ова законско решение филибастеринг, Димитријевиќ рече дека напуштањето на работната група за изборниот законик дошла како потреба по алармирањето околу едностраното укинување на техничката влада.
„Во текот на следната недела ќе заседаваат телата и органите на СДСМ и ќе биде јавноста известена за идните чекори. Јасно е дека нема да се вратиме и нема да учествуваме во работната група. Укинувањето на техничката влада коешто го направи ДПМНЕ е тотално непринципиелно и е чекор на една гарнитура којашто апсолутно не сака во Македонија да има фер и демократски избори и ќе направат се за да нема фер и демократски избори. Се однесуваат со државата како да се на пазар, договараат не од сега, од следни избори па од тие понатака. Значи апсолутно со ДПМНЕ не се возможни во овој момент фер и демократски избори“,
рече Димитријевиќ.
