„Сега кога ќе снема пари во буџетот, ќе се распишат избори. Тоа е единствената причина поради која ќе се распишат предвремени избори, дали ќе бидат до крај на годината, дали следната. Зошто им се брза тогаш со овој закон, затоа што снемува пари во буџетот за нивните бизниси“, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати предупредување до парламентарното мнозинство најавувајќи дека пратеничката група на социјалдемократите и коалицијата целосно ќе се повлечат од работната група за Изборниот законик доколку власта не се откаже од укинувањето на техничката влада.
Според Филипче, обидот за укинување на техничката влада претставува „автократски манир“ на владеење и директен удар врз демократските процеси. Тој нагласи дека во услови на партизација на судството и притисоци врз обвинителството, техничката влада е единствениот механизам што гарантира фер изборен процес.
„Овој манир на владеење е еднаков на времето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година. Доколку денеска овој закон помине на Комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за работа на Изборниот закон“,
изјави Филипче.
Лидерот на опозицијата јавно праша од што се плаши власта и зошто брза со укинувањето на овој модел токму сега.
Според него, новите законски измени ќе ги направат техничките министри „кукли“ без можност да го изберат кабинетот со кој ќе работат и тоа значи дека ништо нема да може да направат.
На новинарско прашање кој е заштитниот чекор што може да го направат доколку ја напуштат работната група, а таа продолжи со работа и владејачкото мнозинство го донесе Изборниот законик, Филипче беше дециден дека без нивната пратеничка група тоа не може да се случи.
Според него, има објаснување што се крие зад овие работи.
Рече дека во контекст на Реформската агенда ниту еден закон не е донесен, а како блокатор на европските преговори на земјава и на спроведување на Реформската агенда го посочи Христијан Мицкоски.
„Ние дадовме предлози за реформските закони, никој не одговори од Министерството за правда и ниеден закон не се донесе, каква Реформска агенда, па нив тоа не ги интересира. Сега кога ќе снема пари во буџетот ќе се распишат избори. Тоа е единствената причина поради која ќе се распишат предвремени избори, дали ќе бидат до крај на годината, дали следната. Зошто им се брза тогаш со овој закон, затоа што снемува пари во буџетот за нивните бизниси“,
рече Филипче.
Најави и дека СДСМ ќе учествува доколку има предвремени избори затоа што, како што рече, поддршката паѓа на власта.
„Поддршката за нас расте затоа што луѓето се свесни дека никој веќе не може да ги лаже. Дека може премиерот да клечи, да моли за власт, да ветува дека ќе го врати името, дека ќе ги поништи договорот со Бугарија. И што прави? Ништо“,
кажа Филипче.
