Тој ги повика институциите на прогонот да ги открие ваквите поединци и групи и да ги изведе пред лицето на правдата и тие да бидат санкционирани според закон
Претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, го осуди синоќешното уништување и сквернавење на државното македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме.
„Секогаш како човек сум го сакал своето, а почитувал туѓото! Денеска како човек, но и градоначалник на сите граѓани во Куманово од почит кон моите сограѓани од албанската заедница го честитав Денот на албанското знаме, а воедно и во рамки на годишната програма за култура со едногласна одлука на советот беше поддржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници. За жал, тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово, особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и македонско знаме е за секаква осуда“,
истакнува Димитриевски во пишана изјава за медиумите.
Тој ги повика институциите на прогонот да ги открие ваквите поединци и групи и да ги изведе пред лицето на правдата и тие да бидат санкционирани според закон.
„Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници на кои ова не им е првпат да го кршат законот без да поднесат одговорност. Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и сите претставници на меѓународната заедница. Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон. Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложувала во тебе е злосторство против неа и треба да се одговара“,
потенцира Максимовски.
Во повеќе градови во земјата во текот на вчерашниот ден се одбележуваше Денот на албанското знаме. На неколку видеа објавени во медиумите се гледа како учесниците на овие прослави го сквернават македонското знаме.