Професорите кои му беа противкандидати на актуелниот ректор Никола Јанкуловски сметаат дека Универзитетот му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура
Професорите Драги Димитриевски, Петар Атанасов и Вујица Живковиќ денеска соопштија дека и покрај поднесените кандидатури нема да учествуваат на утрешните избори за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) бидејќи, како што истакнаа, на Универзитетот му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура.
Атанасов наведе дека во текот на изминативе денови очекувале министерот за образование и наука Арбер Адеми, Државниот просветен инспекторат, како надлежна институција, како и останатите институции во државата да преземат дејствија во правец на заштита на законитоста, односно на сопирање на постапката за избор на ректор на УКИМ, но, како што рече професорот, за жал тоа не се случило.
„Поради тоа, наша морална и академска должност е да преземе чекор со кој нема да бидеме соучесници во вакви скандалозни избори и ќе ги заштитиме колегите од притисоци и можни законски и други последици. Ние кандидатите за ректор, јавно изјавуваме дека ниту ги признаваме ниту ќе учествуваме на вакви недемократски избори за ректор на УКИМ закажани за утре, 26 јуни“,
нагласи Атанасов.
Тој посочи дека сите тројца сметаат дека изборите за ректор треба да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.
„УКИМ ги живее своите најцрни денови, хипокритски методи наместо хипократовски пристап, уценети органи и тела на Универзитетот, притисоци од најтежок вид, злоупотреба на најхуманата професија за лични цели, глумење демократија, немање транспарентност, лош менаџмент, слаби резултати на секој план. Континуирано од март годинава, спротивно на законот за високо образование, на статутот на Универзитетот, како и на други закони и акти, но особено спротивно на елементарните демократски практики, на УКИМ му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер постапка“,
потенцираше Атанасов.
Живковиќ нагласи дека, доколку останат во постапката, ќе им дадат легитимитет на изборите.
Димитриевски упати апел до институциите да преземат одредени дејствија со цел да се сопре постапката за избор на ректор на УКИМ.
Уставниот суд вчера оцени дека Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со која се стави во мирување постапката за избор на ректор ја нарушила автономијата на Универзитетот.
Постапката за избор на Ректор беше почната за време на вонредната состојба, а Независниот академски синдикат (НАКС) кои тврдеа дека постапката што ја иницираше сегашниот ректор Никола Јанкуловски е незаконска и нелегитимна во актуелните правни и здравствени околности.
Иако Владата со уредба ја стопираше постапката тројцата кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорите Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски и Петар Атанасов ги поднесоа своите програми бидејќи Универзитетската изборна комисија не го стопира конкурсот.