На средбата на министерката за финансии и нејзиниот словачки колега било посочено дека Словачка е заинтересирана за споделување искуство во областите за кои смета дека е најподготвена, а кои се од големо значење за земјава во исполнување на неопходните критериуми. Било нагласено дека Словачка е подготвена за пренос на знаење во областа на јавните финансии, борбата против даночното затајување и во областа на јавните инвестиции
Словачка е силен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија и ќе ѝ го пренесе своето искуство во спроведување на реформите. Ова го порачал словачкиот министер за финансии Ладислав Каменицки за време на средбата со својата македонска колешка Гордана Димитриеска-Кочоска, која е во посета на Словачка.

На средбата, како што соопштија од Министерството за финансии, било посочено дека Словачка е заинтересирана за споделување искуство во областите за кои смета дека е најподготвена, а кои се од големо значење за земјава во исполнување на неопходните критериуми. Притоа било нагласено дека Словачка е подготвена за пренос на знаење во областа на јавните финансии, борбата против даночното затајување и во областа на јавните инвестиции.
„Владата и Министерството за финансии остануваат фокусирани на одржување на макроекономската стабилност и стабилност во јавните финансии, спроведување постепена фискална консолидација, како и остварување на повисоки стапки на економски раст, поттикнати и преку реализација на јавни инвестиции. Станува збор за реформи кои се приоритет во владините програми“,
порачала министерката Димитриеска-Кочоска.
Соговорниците се согласиле дека Северна Македонија и Словачка имаат голем потенцијал за унапредување на економската соработка, а дека во таа насока е неопходно продлабочување на бизнис-поврзувањето, размената на информации и реализацијата на заеднички проекти.
