Адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка во Основниот кривичен суд, Весна Димишкова, денеска сведочи во случајот „Рекет“.
Тој пред судот говореше за неговата средба со Орце Камчев, кој е обвинет во „Империја“, случај за кој како судија на претходна постапка одлучувала неговата сестра Весна Димишкова и за познанството со обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски.
Адвокатот е сведок предложен од Јовановски, а сведочењето го почна со одговарање на прашања на бранителот Сашко Дукоски.
Димишков рече дека средбата со Камчев се случила околу 20 август 2018 година, која била договорена преку директорот во Стопанска банка Битола, Владимир Ефтимовски, банка чиј адвокат бил Димишков. Во тој период, банката имала случај со клиент за кого се разгледувало дали да се поднесе кривична пријава поради невраќање на кредит. На оваа тема Димишков и Ефтимовски се гледале и контактирале, а директорот му рекол дека и Камчев би сакал да се види со него.

За самата средба со Камчев, Димишков рече дека била во канцеларии во „Систина“. На оваа средба, како што кажа адвокатот, Камчев на мобилниот телефон му покажал фотографии од некои документи, кои тој не ги видел прецизно, но Камчев му го посочил потписот на судска наредба кој бил на неговата сестра, судијката Димишкова.
„Се изненадив, мислев дека ме повикал да зборуваме за предметот за банката“,
сведочеше адвокатот.
Притоа Камчев му понудил на Димишков да се приклучи на неговиот тим адвокати. Иако било договорено да се видат повторно, Димишков вели дека Камчев повеќе не му се јавил, туку почнале да го контактираат други лица. Димишков пред судот прецизираше дека тоа се случило откако на Камчев му бил одреден притвор за „Империја“.
„Откако заврши во притвор, наредните денови се јавуваа повеќе мои роднини и пријатели, ме викаа на кафе, а кога ќе се сретнев со нив, тие ми кажуваа дека се по некоја линија пријатели со Камчев и ме прашуваа што би можело тука да се помогне. Им кажав дека јас не можам да помогнам ништо. Меѓу тие луѓе беше и Зоран Милески-Кичеец, кому, иако му имав кажано дека тоа што го бара од мене не можам да го направам, тој инсистираше на повторни средби на кои разговаравме околу тоа да бидам ангажиран како бранител, за адвокатската награда, околу законската постапка во вакви предмети и во една пригода тој направи средба и со сопругата на Камчев, Ана, која е и адвокатка во тимот на Камчев“,
сведочеше Димишков.
На оваа средба, како што рече, Ана Камчева му кажала дека имаат стратегија да го зголемат тимот на бранители и дека планираат и него да го вклучат во тимот. Планот бил бизнисменот да излезе од притвор за куќна слава.
„Разговаравме за притворот на господинот Камчев, им кажав дека тоа што го бараат не е реално да се оствари, посебно не за таков краток временски период. Им кажував дека, според постапката и законските рокови, вакво нешто е невозможно. Мислам дека госпоѓа Камчева затоа што е адвокатка ме сфати и од тие причини се согласи дека тоа не е можно за краток временски период“,
рече Димишков додавајќи дека средбата завршила со тоа тој да им каже колку ќе чини неговиот ангажман.
Но, по неколку дена, Димишков рече дека одлучил да не ја прифати понудата бидејќи, како што сведочеше денеска, проценил дека сакале да го искористат и со тоа што ако го ангажираат за бранител, неговата сестра Весна Димишкова, која во случајот била судија на претходна постапка, по сила на закон ќе биде изземена од предметот.
„Анализирајќи ги разговорите со Милески и тој со Милески и Камчева заедно, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Од тие причини, кога се јави господинот Милески да се видиме за да му кажам колку чини мојата услуга, му кажав сума која знаев дека нема да биде прифатлива за нив. Откако им ја кажав висината на наградата, потоа никој веќе ниту ми се јави ниту ме побара“,
рече Димишков.

На ваквото сведочење со свои прашања контрираше и обвинителката Вилма Русковска, која иронично прашуваше зарем има логика тој да им ја објаснува процедурата за ослободување од притвор кога Камчев има цел тим адвокати. Русковска праша и дали адвокатот им кажал на Камчеви дека неговата сестра ќе треба да се изземе од предметот „Империја“ ако тој биде ангажиран како бранител.
Димишков, пак, ѝ посочи на обвинителката дека и самата знае дека не е таква процедурата и дека тогаш случајот бил на самиот почеток.
Понатаму во сведочењето тој говореше и за средбата со Јовановски.
Рече дека таа била летото 2017 година, кога бил препорачан како адвокат во „Меѓународниот сојуз“, на која бил запознат со намерите и плановите на „Сојузот“. Потоа имало и други средби, а по отворањето на 1ТВ тој бил ангажиран за повеќе предмети.
Што сведочеа Камчеви?
Денешното сведочење на Димишков, со сведочењето на Орце Камчев од декември лани, единствено се совпаѓа во делот дека нивниот контакт бил направен преку директор во Стопанска банка Битола и дека средбата била во „Систсина“.

За разлика до Димишков, кој тврдеше дека од него се барало да стане дел од тимот што ќе го брани Камчев во „Империја“, Камчев во сведочењето во овој случај на 6 декември за настаните што му претходеле на случајот „Империја“ рече дека Димишков му кажал дека е под ПИ-мерки и му понудил за 100.000 евра да биде соработник и да му издејствува поблага мерка, што тој го одбил.
„Адвокатот ми кажа дека сум ставен на ПИ-мерки, и ако сакам да бидам соработник треба да му исплатам 100.000 евра за првата информација. Втората понуда што ми ја даде беше дека може да влијае да се издејствува поблага мерка. Ми ја даде и скалата за секоја мерка колку чини. Слушав, се насмеав и му одговорив дека ќе му кажам за некој ден. По некој ден, преку директорот на банката, му кажав дека апсолутно не сакам да разговарам на таа тема бидејќи немам направено кривично дело“,
сведочеше тогаш Камчев.

Името на Димишков се најде и во сведочењето на Ана Камчева на 10 декември лани. И таа кажа дека имала средба со Димишков на која била и Кичеец, но нејзината верзија за состанокот кој бил, како што рече, во стан за „специјални клиенти“ во Капиштец, е различна од таа на адвокатот.
„Ми рече и дека неговата сестра Весна Димишкова е во блиски односи со Лиле Стефанова, дури се повикуваше и на некои амбасади. Порад и тоа што мојот сопруг излегол на насловната на ‘Форбс’ тој рече дека би не чинело 2, 4 или 8 милиони евра и тоа за поблаги мерки“,
сведочеше Камчева на 10 декември лани посочувајќи дека не се срами да каже дека дури и плачела на оваа средба.
*Поврзани вести:
Боки: Ми нудеа да ме пуштат од притвор ако кажам дека Јанева е виновна и дека Ременски зела пари
Судијката во „Рекет“ вели дека не чувствува никакви притисоци за предметот