Државната изборна комисија (ДИК) денеска ќе одржи седница на која ќе одговори на барањето од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да се изјасни за именувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје, без согласност од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски за „360 степени“ вчера само потврди дека го добиле барањето, но не сакаше да открие што мисли лично за целиот случај и дали ДИК е, воопшто, надлежна да одлучува.
„Нема да ви дадам прецизен одговор, дали Чулев можел да го назначи началникот без потпис од Петровска, дали не, ниту дали сме воопшто надлежни да одлучуваме за ова. Закажана е седница, ќе следува соодветна одлука на Комисијата, сите варијанти се отворени“, вели Дерковски.
Вчера Чулев имаше состанок со дополнителната заменик-министерка Петровска и со неколкумина раководители во МВР за спорните прашања што се појавија во изминатите неколку дена. Но, во соопштението објавено по средбата нема ниту збор за случајот со началникот на СВР Скопје. Извор од МВР пред два дена за „360 степени“ потврди дека Ставревски веќе ја извршува функцијата и издава наредби.
Има ли право Чулев да назначи началник без „амин“ од Петровска?
Законот за Влада му дава право на техничкиот министер за внатрешни работи да направи 15 разрешувања или распоредувања на носители на раководните позиции во министерството.
Сепак, членот 46 од законот ги става во рамноправна положба техничкиот министер и дополнителниот заменик на министерот, во случајот Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ и Славјанка Петровска од СДСМ. Според оваа одредба од Законот, двајцата рамноправно ги разгледуваат и потпишуваат сите акти и документи, кои се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
Законот за Влада предвидува при несогласувања меѓу техничкиот министер и дополнителниот заменик-министер, последниот збор да го има Државната изборна комисија.
Експерт по право, кого го консултиравме, смета дека одредбите од член 44 став 4 и 6 се однесуваат специфично на МВР и може да се толкуваат како исклучок од генералното правило од член 46. Овој пристап би значел дека Петровска не може да го блокира назначувањето на Ставревски за прв човек на СВР Скопје и дека нејзиното несогласување останува на ниво на политички став. Министерот има законска обврска да именува дополнителен заменик на нејзин предлог, кој понатаму може да блокира одлуки на началникот (Ристо Ставревски).