Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли повикуваше на земјите од Западен Балкан да им се дозволи пристап кон ЕУ бидејќи сметаше оти проширувањето на Европската Унија може да биде од огромна корист за регионот и Европа како целина, при што ќе се обезбеди стабилен, просперитетен и мирен континент
Претседателот на Собранието Талат Џафери изрази сочувство и жалење до семејството, пријателите и колегите на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, кој почина утрово на 66-годишна возраст, по двонеделна тешка здравствена состојба.
„Претседателот Сасоли беше политичар кој гледаше во иднината, беше посветен на мирот и еднаквоста и беше силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија. Неговото наследство вклучува создавање на заедничко европско семејство кое ќе одговори на очекувањата на сите европски граѓани“,
рече Џафери.
Со искрена почит кон неговото наследство, изразуваме жалење за неговата загуба заедно со неговото семејство и колегите од Европскиот парламент, додаде спикерот Џафери.
Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли беше силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија нарекувајќи го проширувањето „позитивен проект за мир и просперитет“. Тој повикуваше на земјите од Западен Балкан да им се дозволи пристап кон ЕУ бидејќи сметаше оти проширувањето на Европската Унија може да биде од огромна корист за регионот и Европа како целина, при што ќе се обезбеди стабилен, просперитетен и мирен континент.