Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, минатата недела упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д
Писмото од премиерот Димитар Ковачевски со кое се согласува да им биде презентиран Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д на пратениците со безбедносен сертификат е во Собранието и координаторите на пратеничките групи се веќе известени. На која Комисија и колкумина пратеници со безбедносен сертификат ќе присуствуваат на презентацијата на Договорот сè уште не се знае, изјави на денешниот брифинг со новинарите, претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„На 2 мај имаме координација. Вчера ги известив координаторите да размислат за време. Може и деновиве да биде. Не се знае“,
рече спикерот Џафери.
Тој нагласи дека не го добил Договорот и не знае што содржи тој, потенцирајќи и оти не е негова работа да знае.
Тој рече и дека не знае кои пратеници имаат безбедносен сертификат, потенцирајќи дека нема да им биде доставен Договорот, туку само презентиран, бидејќи станува збор за класифициран документ.
Џафери информира и дека Предлогот за измени на Законот за работни односи по скратена постапка, не е повлечен, туку дека сè уште чека да почнат со работа и другите комисии чии претседатели се од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој не откри како ќе постапи доколку седниците наскоро не бидат свикани и само упати на Деловникот за работа на Собранието.
Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, минатата недела упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен договорот и оти тоа барање го поднеле врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.
Ден подоцна, од Владата одговорија дека претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори, во соодветна собраниска процедура.
Оттаму потенцираа дека коридорите 8 и 10-д се досега најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, чија вредност изнесува 1,3 милијарди евра.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера потврди дека испратил писмо до претседателот на Собранието со кое го информирал дека тимот на Владата е подготвен на комисија или на тело кое ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира договорот со „Бехтел и Енка“ со сите детали, пред сите пратеници кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.
Ковачевски рече дека штом ќе имаат одговор од Собранието, претставниците од Владата се подготвени веднаш да отидат бидејќи, сепак, на владините претставници треба да им се каже во која комисија треба да го презентираат договорот.
На прашањето дали Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) го доставило договорот до Јавното обвинителство, Ковачевски рече дека одговор треба да се побара од овие две институции, а Владата, како што потсети, веќе го задолжи ЈПДП да го достави договорот до Обвинителството.