Според извештајот на ИЈЗ, во сезоната 2023/2024 вкупниот број случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 10 537, што во споредба со истиот период минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 61,7 отсто
„Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се девет починати лица асоцирани со грип, четири од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, пет од возрасната група лица 15-64 години и четири од возрасната група лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип“, се наведува во извештајот на ИЈЗ
Минатата недела бројот на заболени од грип изнесувал 1 875 случаи, што е за 13,4 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во текот на оваа недела бил регистриран и еден смртен случај асоциран со грип.
Станува збор за 65-годишно лице од Скопје кое било хоспитализирано на Клиниката за пулмологија и алергологија и кај кое е утврдено присуство на коморбидитети – кардиоваскуларни, белодробни и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип.
Податоците од ИЈЗ покажуваат дека бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со шестата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,7 пати.
Според извештајот на ИЈЗ, паралелно тестирале 56 примероци за грип и за ковид-19 од кои 12 примероци биле позитивни случаи на грип, а еден на ковид-19.
Во однос на возрасната дистрибуција, 1 139 лица се на возраст од 15-64 години, 424 се деца на возраст од 5-14 години, 147 – деца на возраст до четири години и 165 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца била регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.
Најмногу заболени биле пријавени од Кавадарци – 332, Скопје – 209, Битола – 180 и Струмица – 179.
Најголема активност на вирусот на грип била пријавена во Кавадарци и во Кратово, а висока била и во Ресен. Во 10 градови таа била средна, а во 11 сезонска.
Според извештајот на ИЈЗ, во сезоната 2023/2024 вкупниот број случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 10 537, што во споредба со истиот период минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 61,7 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 0,4 проценти.
„Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се девет починати лица асоцирани со грип, четири од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и Штип, пет од возрасната група на лица 15-64 години и четири од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип“,
се додава во извештајот.
Во текот на минатата недела, од Институтот за јавно здравје велат дека биле пријавени и 55 случаи на сериозни акутни респираторни инфекции (САРИ), од кои најголем број се пријавени од Универзитетската клиника за детски болести.
„Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број на САРИ-случаи се пријавени од возрасната група до четири години. Во оваа недела, вкупен број на приеми во сентинел местата е 214, од кои едно лице е на интензивна нега. Од сите приеми, 25,7 отсто се должат на САРИ. Најголемо оптоварување од 60 проценти се бележи кај лицата постари од 65 години“,
додаваат од ИЈЗ.
Во оваа недела, се наведува во извештајот, е регистриран еден смртен случај со коморбидитети од САРИ-местото ГОБ „8 Септември“. Починатото лице, како што е наведено во извештајот, е на возраст над 65 години, од Скопје.
Се забележува раст на бројот на заболувања слични на грип, се истакнува во извештајот, кој е во рамките на ниска активност.
Заклучно со шестата недела, во земјава се вакцинирани вкупно 61 694 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.