И понатаму беснее огнената стихија на територијата на Општина Прилеп, која е најактивна кај селата Штавица, Крушевица, Пештани и Прилепец, каде гори нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума
Во текот на денешниот ден, до 19 часот, на територијата на државата имало вкупно 18 пожари на отворен простор, од кои девет се сè уште активни, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
И понатаму беснее огнената стихија на територијата на Општина Прилеп, која е најактивна кај селата Штавица, Крушевица, Пештани и Прилепец, каде гори нискостеблеста вегетација, сува трева и борова шума.
Во Општина Чашка, активен е пожарот на подрачјето на село Ораов дол, каде гори мешана шума, додека огнот на планината Мукос кон село Оморани е локализиран, а оној кај селото Степанци е ставен под контрола.
Мешана шума гори и во Општина Чучер Сандево кај селото Танушевци на место викано „Рамно“.
Активни се и пожарите во Општина Петровец, каде кај селата Брезница, Градманци и Катланово гори нискостеблеста шума, а мешана шума и сува трева горат во општините Долнени и Сарај, во регионите на селата Десово и Буковиќ.
Ниска шума и сува трева горат во тетовското село Новаќе, а сува трева гори во кумановско Романовце.
Последниот активен пожар е во подрачјето на Штип, кај селата Хаџи Хамзали, Едеклерци, Топлик, како и кај полигонот „Криволак“, каде горат нискостеблеста шума, смреки и сува трева, информираат од ЦУК.