Тринаесетгодишно дете во Битола е искасано од глутница кучиња и, за среќа, сега е во стабилна состојба, информира градоначалникот Тони Коњановски по разговор со родителите на детето.
Тој вели дека долгогодишното непостапувањена институциите придонело за оваа вознемирувачка вест. Инцидентот се случил кај Стара болница во Битола.
„Побарав итно постапување кај Стара болница од страна на фирмата со која општината има склучено договор за заловување и третман на бездомни животни и кои во изминатите шест месеци имаат третирано 60 кучиња скитници во централното градско подрачје. Не смееме да дозволиме вакви ситуации да ни се повторуваат, независно дали станува збор за дете или возрасен граѓанин, како што беше вчерашниот случај. Мораме сите, локалната самоуправа, здруженијата за заштита на животните, полицијата, да дејствуваме заедно“,
вели градоначалникот.
Тој напоменува и дека завршува првата фаза од градењето на прифатилишто за бездомни животни, а наскоро треба да добијат и дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство за општината да може да започне со директна работа на терен и целосно решавање на овој проблем.
„Општина Битола од 2016 година, со забраната за работење на шинтерската служба, не презела никакви мерки во решавање на овој проблем. Верувам дека со сите преземени активности конечно ќе ставиме крај на овој сериозен проблем. Повикувам и на поголема контрола од страна на полицијата и да не се дозволи испуштање на кучиња скитници во градот, особено од лица што ги носат од соседните места или други општини“,
вели Коњановски.
