Осомничениот го обвинувал началникот дека постојано испраќа полицајци за да го следат, а расекотината што му ја нанел со нож била под долната вилица кон вратот во должина од 11 сантиметри, а со длабочина од пет сантиметри. Струшкото обвинителство бара притвор, меѓу другото, и од причина да не се обиде да го доврши убиството
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга излезе со детали за вчерашниот инцидент кога со нож беше прободен началничкиот на струшката полиција наведувајќи дека случајот го води како обид за убиство, за што е осомничен 44-годишен маж за кој од МВР вчера соопштија дека е од селото Велешта.
Според информациите од ОЈО Струга, осомничениот го престигнал началникот со автомобил, му се заканувал со пиштол, а меѓу двајцата настанала и тепачка.
„Додека оштетениот бил во својот автомобил, осомничениот го престигнал во близина на Медицинскиот центар во Струга и паркирал паралелно со него. Најпрвин започнал да му вика и да му се заканува дека ќе го убие со пиштол, обвинувајќи го началникот дека постојано испраќал полициски службеници да го следат. Оштетениот излегол од возилото и меѓу нив настанала кратка физичка пресметка, по што ги раздвоиле случајни минувачи“,
велат од ОЈО Струга.
Потоа, началникот влегов во автомобилот за да повика полиција, а осомничениот го препаркирал неговото возило и излегол со нож во раката.
„Му нанел расекотина под долната вилица кон вратот, со должина од 11 и со длабочина од 5 сантиметри. Веднаш потоа избегал од местото на настанот“,
додаваат од струшкото обвинителство.
Оттаму додаваат дека до Основниот суд Струга поднеле предлог за определување мерка притвор бидејќи постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз оштетениот и сведоците, како и да го доврши обидот за убиството.