Десет члена на едно семејство беа убиени утрово во израелски воздушен напад во западниот појас Газа. Осум деца и две жени беа убиени кога проектил истрелан од израелски борбен авион им ја уништи нивната куќа во бегалскиот камп Ал Шати. Сведоци изјавија дека авионите фрлиле три бомби врз куќата без предупредување.
Како одговор на нападот, Хамас испука проектили кон јужниот дел од Израел.
Во вчерашните протести на Палестинците во окупираниот Западен Брег, во судири меѓу демонстранти и израелските безбедносни сили, беа убиени 12 луѓе. Откако почнаа борбите во понеделникот досега загинаа најмалку 132 лица во Газа и осуммина во Израел.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на итен прекин на непријателствата.
„Генералниот секретар апелира до двете страни веднаш да ги запрат борбите во Газа и Израел“,
изјави портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.
Тој истакна дека ОН се подготвени да помогнат во израелско-палестински договор врз основа на релевантни резолуции на ОН, меѓународно право и билатерални договори, со помош на други медијатори, вклучувајќи ги Русија, САД и Европската унија.
Дижарик исто така потврди дека ОН се вклучени во напорите за обезбедување на потребната хуманитарна помош на загрозеното население во Газа.