Од Основниот суд во Тетово информираат дека постапката е водена спрема дете во судир со законот на возраст од 17 годни, а дека за кривичното дело убиство девојката е осудена на казна затвор за деца во траење од 10 години
Седумнаесетгодишната девојка од Тетовско Рогле која во декември лани беше обвинета за убиство на една година помладо момче, чие тело беше пронајдено во реката Пена, е осудена на казна затвор од десет години.
Од Основниот суд во Тетово информираат дека постапката е водена спрема дете во судир со законот на возраст од 17 годни, а дека за кривичното дело убиство девојката е осудена на казна затвор за деца во траење од 10 години.
„Основниот суд Тетово денес донесе пресуда за настанот случен на ден 21.12.2022 на место викано Бањиче, во кој лишено од живот е детето Б.Х. на возраст од 16 години, а за кој настан постапката се водеше спрема дете во судир со законот на возраст од 17 годни за кривично дело убиство по член 123 став 2 точка 1 од Кривичен законик. Судот донесе пресуда со која детето во судир со закон е прогласено за виновно и изречена му е казна затвор за деца во траење од 10 години“,
се вели во соопштението на Тетовскиот суд.
Случајот со смртта на 16-годишникот беше обелоденет на 22 декември минатата година.
Тогаш Основното јавно обвинителство во Тетово информира дека во реката Пена кај месноста Бањиче во Тетовско било пронајдено тело на 16-годишно момче кое претходно било пријавено за исчезнато.
Обвинителството потоа ја осомничи 17-годишната девојка за убиство со умисла кое, како што соопштија тогаш, го направила по претходна расправија со една година помладото момче.
„Осомничената седуманесетгодишна девојка со умисла лишила од живот дете на возраст од 16 години. По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче, таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколкупати нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката“,
објави Тетовското обвинителство во соопштението на 23 декември 2022 година.
На девојката потоа ѝ беше определена мерка притвор.