Неколку дена пред да биде пронајдено телото на малолетникот, тој бил пријавен за исчезнат
Во реката Пена, кај месноста Бањиче во Тетово, утринава е пронајдено безживотно тело на 16-годишник, кој вчера бил пријавен за исчезнат, информираа од Основното јавно обвинителство Тетово.
По пријавата во полиција, дежурен јавен обвинител и претставници на Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид на местото Бањиче каде што во реката било пронајдено безживотното тело на починатиот малолетник.
„Јавниот обвинител издаде наредба за прибирање на сите траги и докази со цел да се утврдат причините за смртта“,
соопштија од прес-службата на Јавното обвинителство.
Обвинителот издал наредба и за обдукција на телото на починатиот.
СВР Тетово информира дека малолетникот бил од Ново Село, Општина Желино. Неговиот татко вчера околу 16 часот пријавил дека тој се оддалечил од дома со патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки.
Возилото било пронајдено ноќеска околу 2:20 часот, во близина на угостителски објект во Бањиче.