Свеченото пуштање во употреба на новата зграда на бугарскиот КИЦ во Скопје се одвива во период кога бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид изминативе неколку дена беше нападнат во два наврата, што Бугарија го оцени како тешко кривично дело
Со официјална церемонија денеска во Скопје ќе биде отворена новата зграда на бугарскиот Културно-информативен центар во земјава, јави Бугарското национално радио (БНР). За време на отворањето ќе биде отворена и изложба која опфаќа слики од современи уметници од Северна Македонија и Бугарија.
На свеченоста, како што објави БНР, ќе присуствува директорката на Центарот, Антонија Велева, министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и нејзиниот бугарски колега Велислав Минеков.
Бугарскиот културен центар во Скопје е основан во 2006 година по Договорот меѓу владите од април 2003 година.
Свеченото пуштање во употреба на новата зграда на бугарскиот КИЦ се одвива во период кога бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид изминативе неколку дена беше нападнат во два наврати. За време на последниот напад на клубот беше употребено и огнено оружје.
Нападот на клубот предизвика бура реакции од бугарските институции кои го оценија како тешко кривично дело.
Поради тоа, македонската амбасадорка во Бугарија Агнеса Руси-Поповска беше повикана на вонреден состанок во Министерството за надворешни работи на Бугарија при што ѝ била врачена протестна нота.
На средбата од бугарското МНР изразиле очекување оти надлежните органи во земјава веднаш ќе ги преземат сите неопходни активности за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите на кривичното дело, а македонската амбасадорка ги уверила оти тоа и ќе се случи.