Неколку политички партии попладнево организираа протестен собир и пред Филозофскиот факултет во Белград
Група на демонстранти, предводени од Сојузот за Србија пристигнаа до зградата на Собранието во Белград. Полицијата направи кордон пред влезот во објектот, а претходно е поставена и заштитна ограда, како што јавува „Б92“.
Делови од центарот на Белград се затворени за сообраќај.
Како што јавуваат српските медиуми, во групата може да се забележат и опозициските лидери Вук Јеремиќ, Јанко Веселиновиќ, Драган Ѓилас, Бошко Обрадовиќ, Зоран Лутовац…
По вчерашните протести поради најавата за можно повторно воведување на полицискиот час во Белград и демонстрациите што ескалираа пред зградата на Националното собрание, неколку политички партии попладнево организираа протестен собир и пред Филозофскиот факултет .
Иако претседателот на Србија Александар Вучиќ, во денешеното обраќање, изјави дека нема да има повеќедневна забрана за движење, но дека, сепак, утре Владата ќе ја донесе конечната одлука, на улиците на Белград попладнево има зголемен број поддржувачи на различни политички опции.
Еден од протестите го организира опозицискиот Сојуз за Србија, кој бара формирање на преодна влада и нов Кризен штаб за борба против епидемијата, како и промена на врвот на полицијата по употребата на сила на синоќешниот протест во српската престолнина.