Министерката за финансии тврди дека членовите на Владата, за време на седниците, седат на дистанца и дека носат маски
Членови на техничката влада имале контакт со претседателот на СДСМ и доскорешен премиер, Зоран Заев, кој е тестиран за ковид-19, откако бил на интервју кај заразен новинар.
За ова потврди министерката за финансии Нина Ангеловска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, по средбата со претставници од угостителскиот сектор.
„Секако дека сме имале комуникација со претседателот на СДСМ. Станува збор за самоизолација која трае 14 дена. Резултатите од неговото тестирање не се познати. Ако треба да се тестираме, го имаме министерот за здравство кој ќе ни каже“,
рече Ангеловска.
Министерката вели дека членовите на Владата одржуваат дистанца и носат заштитни маски за време на седниците.
„Секако дека на дневно ниво сме во комуникација и ова на долг рок нема да го издржиме ако бегаме еден од друг. Во овој период мора да се заштитиме и затоа и кога имаме состаноците сите седиме на два метра и сите носиме маски. Ако погледнете, целата влада е адаптирана да ја држиме таа дистанца и да ги почитуваме сите препораки и сè што треба да преземеме“,
истакна Ангеловска.
Заев од синоќа е во задолжителна изолација во својот дом во Струмица. Тој изјави за „360 степени“ дека во овој момент се чувствува добро и дека нема симптоми. Во задолжителна изолација е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чиј тест на коронавирусот бил негативен, додека за Заев се чекаат резултатите.