Додека се соочуваме со овој незапаметен предизвик, нашите 30 нации стојат заедно во солидарност и трансатлантско единство, стои во последната точка од документот, каде што се поздравува и приемот на нашата земја во организацијата
Шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО усвоија заедничка декларација, на крајот на вчерашната видеоконференција, во која се вклучи и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. На крајот на декларацијата се поздравува и приемот на Северна Македонија како 30 членка на Алијансата, за која ова беше прв состанок со право на глас.
Декларацијата од министерскиот состанок на НАТО е со четири точки, посветени и на кризата со коронавирусот и на операциите на Алијанста. Декларацијата ја пренесуваме во целост:
-Ние, министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, се среќаваме денес, во состојба на незапаметена пандемија што ги погодува сите сојузници и партнери и наметнува висока цена во изгубени животи, како и неочекуван и силен шок за нашите економии. Изразуваме најдлабоко сочувство до сите жртви на болеста коронавирус и до сите оние кои се погодени од нејзините последици. Оддаваме признание на здравствените работници, како и на сите други кои се во првите редови во нашата битка против овој вирус. Овде спаѓаат мажите и жените во униформа што продолжуваат секојдневно да работат за нашата колективна безбедност. И им благодариме на нашите граѓани што разбираат дека, работејќи заедно, побрзо ќе го поразиме овој предизвик и ќе спасиме животи.
-НАТО ја врши својата функција. Сојузниците се поддржуваат меѓу себе – вклучително и со медицински лица, болнички кревети, витална медицинска опрема, како и со најдобри практики и идеи за борба против оваа смртоносна болест. Вршиме воздушен транспорт на клучни медицински резерви насекаде низ светот, суштински материјали и клучна опрема од воени и цивилни извори и го насочуваме нашето медицинско, научно и технолошко знаење и ресурси за да помогнеме во испорачувањето иновативни одговори. Сојузниците, исто така, работат заедно за да осигурат јавен пристап до транспарентни, навремени и точни информации, кои се клучни за надминување на оваа пандемија и борба против дезинформациите. Поради тоа што ни е потребен координиран и сеопфатен пристап, НАТО е во тесна соработка со други меѓународни организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации, Светската здравствена организација и Европската унија.
-Дури и кога правиме апсолутно максимални напори да го запреме, а потоа и надминеме овој предизвик, НАТО останува активно, фокусирано и спремно за да ги изврши своите основни задачи: колективна одбрана, управување со кризи и заедничка безбедност. Нашата способност да ги водиме нашите операции и да гарантираме задржување и одбрана против сите закани со кои сме соочени не е доведена во прашање. Денес донесовме и дополнителни одлуки за зајакнување на улогата на НАТО во соочување со сегашните и идни безбедносни предизвици.
-Ја поздравуваме Северна Македонија како 30 сојузник на НАТО. Додека се соочуваме со овој незапаметен предизвик, нашите 30 нации стојат заедно во солидарност и трансатлантско единство.