Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, соопшти СВР Охрид.
Полициските службеници ниту во градските средини и приградските населби не регистрирале собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди.
Како што наведуваат од СВР Охрид, евидентирани се девет нови лица во самоизолација од Дебар и спроведени се 134 контроли врз лицата во самоизолација. Истовремено, непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација, а денеска, од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица.
Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
На бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да се пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација, а сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.