Според данската премиерка, една од причините зошто пред многу години е создадена НАТО-алијансата е тоа што „ако некому нешто му се случи, тогаш сите мора да се залагаме едни за други“

Данска е подготвена да го брани секој сантиметар од територијата на НАТО, вклучително и Кралството Данска, изјави данската премиерка Мете Фредериксен денеска во Анкара, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека Гренланд треба да биде под контрола на САД.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, исто така, ги отфрли забелешките на Трамп.
Тврдењата на Трамп дека САД треба да го анектираат или контролираат Гренланд, полуавтономна данска територија, ги затегнаа односите меѓу Вашингтон и Копенхаген – и двете членки на НАТО – и пошироко, врските на САД со Европа.
„Подготвени сме да го браниме секој сантиметар од НАТО, вклучително и нашата сопствена територија… Секако дека ќе го браниме Кралството Данска“,
рече Фредериксен повторувајќи дека Гренланд не е на продажба.
Според неа, една од причините зошто пред многу години е создаден НАТО е тоа што „ако некому нешто му се случи, тогаш сите мора да се залагаме едни за други“.
Нилсен се огласи на Фејсбук за да го отфрли најновото тврдење на Трамп.
„Повторените повици за преземање или контрола на нашата земја не менуваат ништо“,
вели тој повторувајќи како и Фредериксен дека Гренланд не е на продажба.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен им изјави на новинарите во Анкара дека Данска сè уште е во дипломатски разговори со Гренланд и САД. Исходот од тие разговори сè уште не е објавен.
„Имаме договор со американската администрација дека во рамките на црвените линии на кралството ќе се обидеме да видиме дали можеме да најдеме решение кое ги задоволува и легитимните безбедносни интереси на САД. Бидејќи тие интереси постојат, ние ги споделуваме и одговараме на нив“,
рече Расмусен.
Расмусен рече дека цврсто верува оти е можно да се постигне договор што ги задоволува Гренланд, Данска и САД со проширување на договорот за одбрана меѓу САД и Данска од 1951 година, кој му дава на Вашингтон широк воен пристап до арктичкиот остров.
