Заев посочи три можни разврски: координации на пратеничките групи, лидерска средба или вонредна состојба… Но, прашање е како во парламентот, кој сега не е распуштен како лани ова време, би можеле да се обезбедат 80 гласа за прогласување вонредна состојба, во ситуација кога не може да се обезбеди ниту присуство на 61 пратеник во салата
Премиерот Зоран Заев, претседателот на парламентот Талат Џафери и лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети ќе се сретнат утре за да разговараат за опциите за деблокада на законодавниот дом. Ова го најави Заев денеска од Велес и изрази надеж дека блокадата на парламентот е од времен карактер, затоа што има пратеници што се позитивни на коронавирусот, а по чие враќање на работа очекува Собранието да се стави во функција и да бидат донесени поголем број од точките на дневен ред и поважните закони.
Една година откако во земјава првпат беше прогласена вонредна состојба, поради епидемијата на ковид-19, Заев повторно ја отвори таа можност. Според него, можни се сите опции за деблокада на парламентот, од средби на координатори на пратенички групи, па сѐ до лидерска средба и вонредна состојба, како што нагласи, „за да се ослободат институциите да носат одлуки што се од животно значење за нашиот народ“.
„Утре ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници. Сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство. Сите сме за Закон за државјанство, и македонската опозиција и македонската владејачка партија и албанските владејачки партии. Но треба да го најдеме начинот според европски стандарди и принципи и механизми. Да ги најдеме доказите како да им дадеме државјанство на тие наши граѓани“,
рече Заев.
Опозицијата не е расположена да ѝ дозволи на владата на Заев да носи уредби наместо законите што чекаат во парламентот
Според информации на „360 степени“, во владејачки кругови се разгледувала можноста за повторно прогласување вонредна состојба, со цел да ѝ се овозможи на Владата да носи уредби со законска сила во ситуација кога е закочена работата на парламентот.
Сепак, проценките се дека таа опција, што како можна ја најави и Заев, е мошне тешко изводлива во овој момент. Особено ако се има предвид дека за донесување одлука за вонредна состојба ќе треба да се обезбедат најмалку 80 гласа во сегашната констелација на односи во Собранието, каде што со денови не може да се обезбеди ниту апсолутно мнозинство од 61 пратеник за да има кворум за одлучување. Другата варијанта – вонредна состојба да прогласи претседателот Стево Пендаровски, исто така, се чини мошне комплицирана, со оглед на тоа што, формално, сега не постои ситуација како лани ова време, кога парламентот беше распуштен и не можеше да се состане.
Ланските одлуки на Пендаровски не дојдоа на ред во Собранието
Според Уставот, вонредна состојба, во траење од најмногу 30 дена, прогласува Собранието со двотретинско мнозинство, а ако Собранието не може да се состане тогаш одлуката ја носи шефот на државата и им ја доставува на пратениците на потврдување веднаш откако ќе можат да се состанат.

Пролетта минатата година пред парламентарните избори и за време на техничката влада, Пендаровски во неколку наврати носеше одлуки за вонредна состојба, што ги поднесе на потврдување до сегашните пратеници набрзо по конституирањето на новиот собраниски состав. Сепак, тие одлуки никогаш не дојдоа на ред за потврдување поради противењето на ВМРО-ДПМНЕ, иако оваа партија претходно и сама предлагаше да се воведе вонредна состојба поради ковид-кризата, во ситуација кога парламентот беше распуштен и немаше кој да носи одлуки за справување со последиците од епидемијата.
Можноста за повторно воведување вонредна состојба денеска ја најави и пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, коалициски партнер на СДСМ. Сепак, тој вели дека е против таква мерка, затоа што со тоа дополнително ќе се усложнат состојбите.
Кои се другите сценарија за надминување на проблемите со кворумот
„Предлагам уште денес Џафери да свика координација на сите пратенички групи и независни пратеници, на која ќе се утврдат врвните приоритети за кои треба да заседава парламентот. Треба да се дефинира кои се приоритетни закони, посебно оние кои се во функција на заштита на здравјето на граѓаните, спречување на ширење на вирусот и обезбедување вакцини, како и законите со кои се предвидуваат мерки за поддршка на фирмите кои трпат последици од пандемијата, финансиска помош на многубројните самостојни уметници, музичари, спортисти, како и помош на ранливите категории на население, невработените итн. Во услови на вакви состојби, со воведување на вонредна состојба дополнително ќе се усложнат состојбите, ќе се ограничат правата и слободите на граѓаните, ќе колабира бизнисот, ќе се отворат можности за висока корупција и негативно ќе се одрази на социјалниот живот и менталното здравје на граѓаните,“
вели Трајанов.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и пратеничката група на опозициската партија, приоритетни за донесување се четири одлуки: за продолжување на рокот за постоење кризна состојба и измените на законите за финансиска поддршка на работодавачите и за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, како и измените на Законот за данокот на личен доход. Мицкоски најави дека опозицијата ќе обезбеди кворум ако Џафери за утре закаже седница на чиј дневен ред би биле само овие четири точки.
Координаторот на ПГ на СДСМ Јован Митревски, пак, како една од опциите за надминување на собраниските блокади, одново најавува зголемување на мнозинството и тврди дека има пратеници во опозицијата што ги препознаваат деструкциите на раководствата на нивните партии.