Ромското маало во Штип не собра доволно гласови во првиот круг за нивен претставник да седне во општинскиот совет. Но, човекот кој беше на чело на независната листа, Раман Демиров, е ѕвезда во населбата и по изборите.
Листата на Демиров освои 536 гласа. Очекувал многу повеќе и барем едно место во Советот. Но, вели дека неговите поддржувачи пополниле повеќе неважечки отколку важечки ливчиња.
„На ромската популација да и се каже да гласаат по еден број на сите ливчиња, не да заокружуваат по две-три, по четири броја. И тоа се случи.“, вели Демиров за „360 степени“.
Петстотините гласови што ги доби Демиров можат да бидат клучни за тоа кој ќе биде градоначалник во Штип. Разликата меѓу кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илчо Захариев и Благој Бочварски од СДСМ е само 36 гласа по првиот круг.
„Од мене нема да добие поддршка ниту еден градоначаник, затоа што јас не можам да одлучувам кој за кого ќе гласа. Ромите си го дадоа гласот за мене, а не за нив, останува мојата препорака самите Роми да си одлучат.“ ни рече Демиров.
И други жители на штипското ромско маало велат не го даваат гласот на друг. Но, сведочат и дека стигнале првите понуди.
„За кого да гласаме? И кој да го стават никој нема да ни помогне тука. Идат тука пари даваат по 300 денари за гласање, а после четири години што ќе правиме ние без работа? Ништо.“
„За никој не гласам. Глас не се дава. Оди да видиш што е тоа таму – Тексас. Погледни ова што е тука од главната улица, еден чистач нема.“
„Не давам поддршка. На мене што ми дадоа? Две деца имам. Работа немам, на мене ми треба работа, деца имам, што ќе јадат.“
Покрај Раман Демиров, партијата Левица е единствената која освои гласови во градот, што не беа за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ. Нивното конто е 600-тини, што значи, исто така, доволно за да бидат решавачки во трката за градски татко. Од партијата велат дека не ни помислуваат да ги пренасочуваат гласачите. Колку е важен секој глас, покажува и објавувањето коалиција на СДСМ и ВМРО Народна партија во Штип, иако партијата на Љубчо Георгиевски воопшто не учествува на локалните избори. И Захариев доби „ветер во грб“ од централата на партијата, со работната посета на генералниот секретар Христијан Мицковски.
До овие избори, Штип важеше за еден од бастионите на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата ја имаше локалната власт од 2009-та година. Сега СДСМ повторно има мнозинство во Советот, а нивниот кандидат Благој Бочварски се бори за градоначалничката функција. Тој тврди дека нема директни преговори за гласовите на Левица или на Демиров туку бара поддршка од секого, одејќи од врата на врата.
„Овој резултат е најтесен досега. Мртва трка јас би рекол, целосно сме изедначени во гласовите, јас и мојот против кандидат. Јас во овој дел на кампањата ќе се фокусирам буквално на секој гласач, на секој граѓанин. Нема да ги делам и буквално не знам кој за кого гласал во првиот изборен круг. Ќе се посветам на сите гласачи, на сите граѓани. Ќе испратам пораки и преку Вас медиумите до сите граѓани на општина Штип, меѓутоа ќе разговарам со секој буквално, затоашто секој граѓанин ни е важен.“, вели Благој Бочварски – кандидат за градоначалник на општина Штип од СДСМ.
Активен е и неговиот противкандидат. Мисијата на Илчо Захариев од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и актуелен градоначалник, е да ја задржа тесната предност.
„Како локална самоуправа се обраќаме до сите пензионери, до сите ранливи групи и сите лица со посебни потреби дека секој вторник ќе биде бесплатен ден за користење на услугите на бањата Кежовица за нив. Ние како општина ќе обезбедиме и бесплатен превоз до бањата и од бањата до нивните домови.“, изјави Захариев неделава.
Дали Захариев преговара за гласовите на Демиров или Левица, не добивме одговор во неговиот штаб. Не откри ништо повеќе и во телефонскиот разговор. Ни рече дека ќе не побара во 2019-тата кога планира да се кандидира за претседател на Република Македонија.
Во крајно неизвесната битка за градоначалник на Штип, веќе почнаа да се употребуваат и недозволени „удари“. Поддржувач на СДСМ „го погреба“ Илчо Захариев, како што покажува видео објавено на социјалните мрежи. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ пак е фотографиран како дели лекови од врата на врата. Засега нема информации дека ваквото поведение е санкционирано.
Штип не е единственото место каде ќе се води беспоштедна битка до последната минута меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Скопската населба Гази Баба никогаш немала градоначалник од редовите на социјалдемократите откако има локални избори во независна Македонија.
По неочекуваното водство по првиот круг, поддржувачите на кандидатот на СДСМ Борис Георгиевски буквално спијат во централниот штаб за да не ја пропуштат историската шанса во вториот круг.
Во првиот круг, Борис Георгиевски доби околу 1000 гласа повеќе од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Трајковски, кој е актуелен градоначалник на општината. Но, нема да биде едноставно да ја задржи предноста.
Во првиот круг 816 гласа отидоа кај кандидатот за градоначалник на Левица, Зоран Трпчевски. Во зависност од тоа каде ќе одат тие гласови во вториот круг, предноста на Георгиевски може да се зголеми, но и да се „стопи“.
Но, уште поголема неизвесност внесуваат резултатите од гласањето за општинскиот совет. Таму победи ВМРО-ДПМНЕ и тоа доволно за да има мнозинство во Советот. Значајно е што советничката листа на партијата освои близу 17,000 гласа, што е околу 500 гласови повеќе од кандидатот за градоначалник. Тоа значи дека Тони Трајковски има реална основа да го подобри резултатот во вториот круг.
Од друга страна, листата на СДСМ освои 15,600 гласа, што е околу 2000 гласа помалку од нивниот кандидат за градоначалник. Според резултатите по избирачки места, предноста на Георгиевски во првиот круг се должи на гласовите од два субјекти кои кандидираа листи, но не и градоначалници во Гази Баба. Едниот е заедничката листа на ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците кои добија 1712 гласа и листата на ПДП за која се определија 533 гласачи. Дали овие гласачи повторно би излегле во толкав број е неизвесно, особено поради се поголемите разликите меѓу блокот СДСМ-ДУИ наспроти партнерството на Алијанса за Албанците и Беса.
Борис Георгиевски од СДСМ сепак вели дека во најмала рака очекува да го повтори резултатот од првиот круг, што би било доволно за победа. Единствените коалициски гласови кои ги очекува се оние договорени од партискиот врв, што во случајот значи субјектите околу СДСМ и ДУИ.
„Ние директно немавме со никого ниту на терен освен она што се договараше на централно ниво. Ви потврдив, 23 политички субјекта кои се појавија и во општина Гази Баба кои ја поддржаа мојата гандидатура и канидатурата на советничката листа за Советот на општина Гази Баба. Во моментот ние работиме на терен и очекуваме и дека делот на гласачите кои биле за советничките листи или гласале за опонентот, во вториот круг ќе ги препознаат нашите проекти од витално значење на граѓани и ќе го дадат својот глас. Многу е мала и разликата, а истовремено и многу е мал цензусот за наше историско победување во општина Гази Баба. Токму во бастионот на ВМРО да покажеме дека и тука е ранлив и дека и тука истовремено не завршил многу ветени, а нереализирани објекти и проекти.“, вели Борис Георгиевски – кандидат за градоначалник на општина Гази Баба од СДСМ.
Додека Георгиевски очекува поддршка од дел од партиите на Албанците во општината, не сакаше тоа да го каже и за гласовите од Левица.
А што очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Тони Трајковски, кој немаше интерес да одговори каде гледа дополнителен резервоар за евентуална победа, на терен е активен.
„Во населбата Железара во следниот период продолжуваме со реализација на инфраструктурните проекти, во делот на доизградбата на пешачките патеки во целата населба. Комплетна реконструкција на улиците, Гемиџиска, Зеничка и Тајмишка …“, изјави Трајковски неделава.
Извесно е дека ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не треба да се надеваат на контингенти од 816-те гласови за Левица.
„Гласовите на симпатизерите или на оние граѓани кои гласаа за Левица и тоа како ќе бидат пресудни во вториот круг на гласање, со оглед на тоа што останаа само двајца кандидати од двете најсилни, најголеми коалиции. Меѓутоа, ставот на Левица, исто и мој личен став е дека би било многу навредливо да некој им сугерира на гласачите како да гласаат, затоа неи оставаме на нивна слободна волја, дали воопшто ќе излезат на гласање и за кого ќе го дадат својот глас.“, вели Зоран Трпчески – кандидат за градоначалник на општина Гази Баба од Левица.
360 Степени ги праша и четирите партии на Албанците кои освоија гласови во Гази Баба – дали во вториот круг ќе го поддржат кандидатот на СДСМ Борис Георгиевски, што де-факто го направија во првиот круг? Од ДУИ, од Алијансата за Албанците и од ПДП ни одговорија ДА. Само од БЕСА ни одговорија дека не одлучиле.
Гази Баба и Штип не се единствените општини во кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се борат за секој глас. Но, Гази Баба и Штип сепак имаат посебна важност. За ВМРО-ДПМНЕ тие се меѓу последните градски општини што можат да ги освојат, а имаат значителен буџет и население.
За СДСМ, по 11 години во опозиција, тоа е шанса за апсолутен триумф, преку победа во бастионите на политичкиот противник.