Мерката беше донесена лани на 31 август, а стапи во сила следниот ден, на 1 септември
Комисијата за заштита од заразни болести на денешната седница донела заклучок и му предложила на Министерството за здравство, а потоа и на Главниот координативен кризен штаб на Владата да се укине мерката за задолжително поседување негатвен ПЦР тест или сертификат за вакцинација или за прележан ковид при излез од земјава, која беше донесена минатата година.
Портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ рече дека ова не значи дека нашите граѓани ќе можат да патуваат без овие документи во други земји, односно влезот во други земји зависи од она што секоја земја го бара. Ова се однесува само на мерката според која не можеше да се излезе надвор од границите без да се прикаже негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација или прележан ковид.
Оваа одлука Владата ја донесе на 31 август лани, а стапи во сила следниот ден, на 1 септември.
„Граѓаните кои сакаат да ја напуштат земјата ќе треба да имаат еден од следниве документи: Сертификат за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КоВ2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест ковид-19, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред излез од територијата на С Македонија, или негативен брз тест за антигенски тела направен 48 часа пред излез од државата“,
гласеше одлуката.