Задолжителен ќе биде и домашен карантин во траење од седум дена доколку при влез во државата граѓаните немаат негативен ПЦР-тест, или потврди за примена вакцина или за прележан ковид-19
Негативен ПЦР-тест, негативен антигенски тест, потврда за прележан ковид или сертификат за извршена целосна имунизација ќе се приложува на излез од државата. Овие дополнителни мерки за спречување на ширењето на ковид вечерва ги донесе Владата на редовна седница.
Новите мерки ќе важат и за домашни и за странски државјани и на сила ќе стапат од утре, 1 септември 2021.
Подетално, граѓаните кои сакаат да ја напуштат земјата ќе треба да имаат еден од следниве документи: Сертификат за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КоВ2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест ковид-19, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред излез од територијата на С Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.
На вечерашната седница, Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од седум дена доколку при влез во државата, патниците немаат негативен ПЦР-тест, или потврди за примена вакцина или за прележан ковид-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на пет дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР-тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.
Исклучок од оваа мерка ќе бидат наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.
На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо пет часа им се дозволува подолг транзит престој поради природата на нивната работа.