Во погоните каде што непосредно се врши производствен процес да се лимитира бројот на вработени и работниците да бидат на растојание од еден и пол до два метра.
Како што соопшти владината прес-служба, им се препорачува и на вработените да не ги менуваат работните места и во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција на раце и работни површини. За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на рацете и дезинфекција со употреба на дезинфекциски средства на база на алкохол).
„Да се забрани групирање за време на пауза во групи поголеми од максимум 5 лица. Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација). Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории за што да се води уредна евиденција“,
велат од Владата.
Дел од препораките се и во случај на позитивен лабораториски потврден случај на Ковид-19 на вработено лице (со или без симптоми), лицето веднаш да се изолира и испраќа дома и да се советува веднаш да го контактира својот матичен лекар.
„Одговорното лице на фирмата го известува Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), им доставува комплетни податоци за позитивниот работник/ци на Ковид-19 (име и презиме, адреса, телефонски број) подготвува список на лица кои согласно работното место се во близина (до него, пред и позади) на работното место на позитивниот работник кој се предава на епидемиолошката служба од ЦЈЗ“,
се вели во соопштението на Владата.
По направениот епидемиолошки увид од страна на ЦЈЗ и направената проценка на ризик, велат од Владата, се дефинира листата на лица кои со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат се ставаат под здравствен надзор за домашна изолација во траење од 14 дена. По направеното темелно механичко чистење на погоните /просториите и направената дезинфекција од страна на овластена установа за ДДД, додаваат во соопштението, се продолжува со нормалниот производствен процес.