Министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, и покрај тоа што гласал против Уредбата која се однесува за изборниот процес а вчера беше донесена на владина седница, во интервју за Сител ТВ вели дека МВР ќе постапи согласно насоките кои ги пишува во неа и ќе ги достави податоците до Државната изборна комисија (ДИК).
„Јас сум член на оваа влада и носам одговорности. Кога ќе се објави Уредбата во Службен весник министерот за внатрешни работи ќе ги преземе неопходните активности за доставување на сите неопходни податоци до ДИК и во координација и соработка со ДИК, МВР ќе постапи согласно насоките кои се дадени иако се работи за многу краток период и под сериозно прашање е квалитетот на кој истата ќе се реализира“,
вели Чулев во интервјуто.
Тој вели дека гласал против зашто според него се дерогира Изборниот законик, како и дека смета оти претседателот на Собранието, Талат Џафери, е тој кој треба да го закаже новиот датум за избори.
Чулев во интервјуто рече и дека сите одлуки треба да се носат консензуално за да не дојде до тоа економската и здравствената криза да прераснат и во политичка.
Уредбата која беше донесена вчера е во функција на ажурирање на избирачкиот список, а ваквиот потег на владата се смета за сигнал дека нема да се бара продолжување на вонредната состојба и оти ќе почнат да течат роковите за парламентарните избори кои беа прекинати два дена пред стартот на кампањата.
*Поврзани вести:
Владата донесе уредба за ажурирање на избирачкиот список, Чулев гласал против
Владата го расчисти патот за избори на 5 јули, ако в сабота заврши вонредната состојба
Деркоски за новата уредба за изборите: Се дерогира Изборниот законик
Вархеји разговарал со Заев и Мицкоски за важноста од инклузивни избори
Османи: Можни се фер, демократски и инклузивни избори на 5 јули