Само два дена по преземањето на палката во Министерството за внатрешни работи, техничкиот министер Наќе Чулев, во интервју за Алфа ТВ, вели дека дел од раководниот менаџмент на МВР, ангажиран во криминалистичката полиција, е во спрега со криминалните структури. Чулев тврди дека постои тарифа за држење кривични пријави во фиока, за уништување на средствата за извршување кривично дело и за квалификување на потешки во полесни кривични дела.
“Дополнитено, постојат информации дека дел од овие раководни структури, назначени од министерот Оливер Спасовски, се директно инволвирани и самите во криминални активности на начин што се наоѓаат на платен список на криминалните структури со фиксен месечен надоместок, со цел да издаваат информации за оперативно- технички ПИ-мерки кон припадниците на криминалните структури и, дополнително, да издаваат информации кога министерот за внатрешни работи планира конкретни оперативни активности за нивно апсење или приведување”,
вели Чулев за Алфа ТВ.
Техничкиот министер во МВР вели дека веднаш ќе побара од одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР да ги процесуираат сите оние дојави или информации за инволвираност на припадници на МВР во криминални активности и дека тие ќе бидат отстранети од МВР поради тоа што се недостојни за вршење на полициската служба и нанесуваат огромна штета на честа и угледот.
И Чулев, како и министерката за труд Рашела Мизрахи, првото министерско интервју го даде за ТВ Алфа, а и двете интервјуа се снимени во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
*поврзана вест: Дополнителната заменичка во МВР Петровска вели дека министерот Чулев шири лаги