Ваквите, според него, неточни обвинувања говорат за нервозата во редовите на СДСМ во врска со милионските тендери кои МВР на Оливер Спасовски ги склучило со фирми блиски до партијата
Поранешниот технички министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, вели дека обвинувањата од СДСМ за негова наводна инволвираност во кумановските настани се група невистина и манипулација со јавноста.
„Доколку тоа навистина е така до сега сигурно ќе бев неколку пати душмански приведен од партиските послушници на Оливер Спасовски во редовите на полицијата и безбедносните служби. Во целокупната моја професионална кариера сум го давал максимумот за одбрана на безбедноста, територијалниот интегритет и уставниот поредок на мојата татковина Македонија“,
вели Чулев.
Ваквите, според него, неточни обвинувања говорат за нервозата во редовите на СДСМ во врска со милионските тендери кои МВР на Оливер Спасовски ги склучило со фирми блиски до партијата.
„Доколку, сметаат дека денешниот и вчерашниот прес на кој говорев за криминалот направен од страна на Оливер Спасовски се неточни, ги повикувам тоа да го докажат преку судските органи. Јавноста гледа и е свесна дека станува збор само уште еден од низата случаи во кој ’се фатени живи‘ правејќи милионски зделки на грбот на полицијата и на товар на граѓаните“,
вели Чулев.
Тој на двете прес-конференции обвини дека МВР доделило милионски бизнис на приватна фирма за набавка на храна иако Министерството има свои кујни за кои набавило и опрема. Станува збор за тендери кои ги добила фирмата „Индустри сервис“ за набавка на храна во Центарот за обука во Идризово, како и за полицискиот центар во Ѓорче Петров за што, тврди, од буџетот се одлеваат 13 милиони евра.
„Уште посимптоматично е што токму Оливер Спасовски, кој е министер во МВР, институција која ги прави двете набавки бил на поставување на камен темелник на фабриката на Индустри сервис во Гази Баба пред неколку години“,
рече Чулев.
- (ВИДЕО) Чулев обвини дека МВР иако има свои кујни, доделува тендер за храна на приватна фирма
- (ВИДЕО) Чулев: Спасовски доделил 13 милиони евра на компанија на чие отворање присуствувал
За неговите обвинувања, пак, деманти испратија од МВР и од СДСМ. Од МВР рекоа дека е точно оти е набавена опрема за кујните и тоа 11 парчиња кои се распоредени во петте кујни со кои располага, но и дека по направена анализа на состојбите бил распишан тендер за касарната во Ѓорче Петров и за центарот во Идризово со цел да има поквалитетни оброци.
„По согледаните бенефити и направена детална финансиска, материјално-техничка и анализа на човечките ресурси беше објавен јавен оглас за услуги за исхрана и за касарната Ѓорче Петров и центарот за обука Идризово, каде економскиот оператор ќе ги дава услугите во просториите на МВР, ќе ја користи опремата на МВР, но и на сопствен трошок ќе набави своја опрема за целосна реализација на услугите. По завршената набавка избран е економски оператор, преку транспарентна јавна набавка во која беа поднесени пет понуди, кој оператор ќе ги дава услугите на двете локации во следните три години, за што се склучија рамковни спогодби, кои претставуваат рамка од која можат да се трошат финансиски средства согласно потребите на МВР, а не задолжение дека сите средства мора да се потрошат. Или преку пример: услугите ќе се активираат само ако и додека има кандидати на обука во центарот Идризово во следните 36 месеци“,
рекоа од МВР.
Од СДСМ, пак, во кратко соопштение потсетија дека обвинувањата од Чулев веќе биле демантирани и го прозваа поранешниот технички министер за кумановските настани.
„И на демантирани лаги ВМРО-ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести. Наќе Чулев наместо да шири лажни вести конечно да се изјасни за неговата инволвираност во кумановските настани. Јавноста очекува одговори од Чулев на овие круцијални прашања, а не измислени приказни. Лага до лага, само тоа знаат во ВМРО-ДПМНЕ“,
рекоа од СДСМ.