„Највисоката судска инстанца кога е независна ужива најголема јавна доверба и тоа е доказ за владеење на правото. Секој обид за политизација на Врховниот суд е ризик, не само за судската независност туку и за демократскиот поредок“, рече претседателката на државата на денешното отворање на 16. Годишна конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа која се одржува во Скопје
Претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, посочи дека станува збор за регионална конференција која е значајна не само за институцијата туку и за државата, а осврнувајќи се на довербата во правосудството, тој оцени дека таа не е на посакуваното ниво и дека треба континуирана работа за нејзино враќање
Без силна јавна поддршка, судската независност и демократските институции се доведуваат во ризик, нагласија учесниците на денешното отворање на 16. Годишна конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа, која денеска и утре се одржува во Скопје, кои во таа насока подвлекоа дека размената на искуства и добри практики е неопходна за справување со заедничките предизвици.

Независноста на судството, довербата на граѓаните и потребата од подобра комуникација меѓу судиите и јавноста се во фокусот на конференцијата, чиј домаќин е Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој на едно место ги собра највисоките претставници на тринаесет врховни судови, како и судии од Соединетите Американски Држави (САД) и експерти од меѓународни организации.
На отворањето свое обраќање имаше претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, во кое нагласи дека состојбата во судството најчесто се оценува преку улогата и функционирањето на Врховниот суд.
„Највисоката судска инстанца кога е независна ужива најголема јавна доверба и тоа е доказ за владеење на правото. Секој обид за политизација на Врховниот суд е ризик, не само за судската независност туку и за демократскиот поредок“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Посочувајќи дека улогата на врховните судови е клучна за стабилноста на демократијата на една држава, претседателката на државата наведе дека тие успешно ја извршуваат својата улога на единствена примена на законите, тогаш и довербата во судството расте.
„Одлуките на судовите имаат силно влијание и врз работата на пониските судови, но и врз цврстината на демократијата“,
рече претседателката, пренесе МИА.
Претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, посочи дека станува збор за регионална конференција која е значајна не само за институцијата туку и за државата, а осврнувајќи се на довербата во правосудството, тој оцени дека таа не е на посакуваното ниво и дека треба континуирана работа за нејзино враќање.
„Искрено, односно реално, објективно и самокритично, довербата на граѓаните во правосудството не е на посакуваното ниво. Но, ние треба континуирано да работиме на тоа – преку ефикасни постапки, доследна примена на законите и ажурно постапување, за да ја подобриме и вратиме довербата. Довербата не се гради преку ноќ, се гради долго, но може брзо да се изгуби“,
рече Фидани.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, од својата страна рече дека предизвикот е да се обезбеди баланс меѓу независноста и одговорноста.
„Во правосудството нема совршени системи, не постојат такви, но затоа постојат добри практики, научени лекции кои можат да нѐ направат подобри. Нашата задача е да создадеме услови во кои судиите ќе можат да одлучуваат слободно, но истовремено со високо чувство на одговорност кон граѓаните и јавниот интерес“,
рече Камбовски.
Тој додаде дека независноста на судството не е привилегија на судиите, туку дека тоа е право на граѓаните.
„Во време на брзи промени останува непроменлив легитимитетот на судската власт кој не произлегува само од уставните надлежности туку, пред сè, од довербата што граѓаните ја имаат во нејзината стручност и независност. Токму затоа наша обврска е да ја чуваме“,
наведе претседателот на Судскиот совет.

Меѓународните учесници на конференцијата, исто така, укажаа на важноста од вакви средби. Федералниот судија од САД, Дејвид Кемпбел, посочи дека конференцијата овозможува размена на искуства за справување со заедничките предизвици.
„Оваа конференција постои веќе 16 години. Целта на конференцијата е судиите да се соберат, да разменуваат искуства, да учат едни од други и да станат подобри судии. Има многу што можеме да научиме од искуствата на други. Се соочуваме со многу слични предизвици ширум светот“,
рече Кемпбел.

Директорот на CEELI-институтот, Роберт Странг, ја истакна потребата од нов пристап во комуникацијата на судиите со јавноста.
„Мислам дека едно од клучните прашања, кое е поврзано и со новинарите, е начинот на кој судиите комуницираат. Денес тоа изгледа целосно нереално и застарено судиите да зборуваат само преку своите пишани одлуки. Сега прашањето е како да комуницираат со јавноста и да објаснат зошто правдата е важна“,
рече Странг.

Во таа насока тој предупреди дека јавната поддршка е од суштинска важност за опстанокот на институциите бидејќи, како што наведе, без поддршка од јавноста, со текот на времето, судската независност и демократските институции се нарушуваат.
Гжегож Борковски од Проектот на ЕУ за владеење на правото кратко порача: „Зборувате во име на судството, затоа вашата позиција е уникатна и треба да биде заштитена“
