Директорот на Токсикологија вели дека кај малолетниците клинички и лабораториски, сите параметри се стабилни

Четворицата малолетници, кои од петокот вечерта се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија откако беа пронајдени во тешка состојба по конзумирање психотропни супстанци, денеска се со подобрена општа здравствена состојба, информира директорот на Клиниката, Андон Чибишев.
Во текот на утрешниот ден, откако ќе помине утринската визита, Чибишев вели дека ќе се одлучива дали тие ќе бидат пуштени дома.
„Клинички и лабораториски, сите параметри се стабилни“,
вели директорот во изјава за МИА.
Чибишев и вчера рече дека состојбата на малолетниците е стабилна и оти тие се свесни и контактибилни.
Анализите што биле направени, како што рече директорот на Токсикологија Андон Чибишев, докажале дека кај малолетниците имало присуство на психотропни супстанци, но не и алкохол.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информираа дека е приведен 40-годишениот скопјанец Д.Ѓ., во чиј двор од куќа беа пронајдени четворица малолетници од кои двајца во бессознание.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) рекоа дека до Основниот кривичен суд е доставен предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Во описот на случајот од ОЈО е наведено дека осомничениот со децата почнал да консумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови, што ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил да ги испијат за подобро расположение. Тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохол, иако бил свесен за штетната последица. Осомничениот ги затекнал децата во сериозно влошена здравствена состојба што самиот ја предизвикал, но и покрај тоа, ги оставил без помош.
Четворицата малолетници – две момчиња и две девојчиња – беа однесени на Клиниката во бессознание, по што беа преземени мерки за нивна реанимација.
Две од лицата за кратко беа стабилизирани, а другите две во потешка состојба беа препратени на дополнителни испитувања и на рендген затоа што имале повреди по телото.