Повикувајќи се на болнички извори, МИА пишува дека меѓу полесно повредените е и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец
Сообраќајот беше во прекин околу три часа, а од 18:10 часот, како што велат од МВР, наизменично се пуштаат возила од Гостивар кон Кичево
Четири од седумте повредени лица во сообраќајката на патот Гостивар-Кичево се здобиле со потешки повреди и се пренесени на Клиничкиот Центар во Скопје. Сите првично беа пренесени во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“.
Едно лице, како што е познато, го загуби животот на местото на несреќата.
„Непосредно по сообраќајката организиран е тим од медицински персонал кој ги прими повредените во сообраќајната несреќа. Тројца, поради сериозноста на повредите, кои не се во животозагрозувачка состојба, се испратени на скопските клиники. Набрзо за Скопје е испратен уште еден пациент, а останатите тројца кои биле донесени на Ургентното одделение се медицински згрижени“,
изјави за МИА директорот на гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, Јакуп Јакупи.
Повикувајќи се на болнички извори, МИА пишува дека меѓу полесно повредените е и осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески – Кичеец.
Кичеец, како што објави „360 степени“, во моментов има 30-дневен прекин во издржувањето на затворската казна. Тој ја издржува казната во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга кој е од отворен тип и, како што велат од Управата за извршување санкции, осуденикот излегува секој ден за работа, користи викенд еднаш месечно, а има право и на годишен одмор од 22 дена.
Сообраќајката се случи денеска околу 15:30 часот и во неа учествувале три возила. Сообраќајот беше во прекин околу три часа, а сега, според информациите од МВР, тој се пушта наизменично од Гостивар кон Кичево.