Една обвинителка која веќе работи во ова обвинителство, ја повлече кандидатурата, па во трка остануваат актуелната шефица Вилма Русковска, обвинителот Ермон Незири кој во моментов му е заменик на Гаврил Бубевски во ОЈО Скопје, како и вишите обвинители од Гостивар, Деса Пауновска и Ислам Абази
Од пет пријавени, на гласачкото ливче за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ќе се најдат четворица обвинители.
Кој ќе биде новиот шеф на ова обвинителство ќе се одлучува во понеделник (7 ноември) кога ќе има непосредно гласање од страна на сите обвинители во државата, што ќе се случи за првпат според новиот Закон за јавно обвинителство. Листата на кандидати беше утврдена денеска на седница на Советот на јавни обвинители и таа изгледа вака:
- Ислам Абази;
- Ермон Незири;
- Деса Пауновска;
- Вилма Русковска.
Утврдувањето на листата следува откако на 21 октомври заврши пријавување, по што се чекаа оценките за пријавените обвинители.
На огласот, покрај четворицата кандидати беше пријавена и обвинителката Енѓелуше Кадриу – Леши, но таа решила да ја повлече пријавата за прв човек на ОЈО ГОКК. Кадриу-Леши инаку подолг период е дел од ова обвинителство, а последниот мандат го доби во март годинава, кога заедно со уште четворица нејзини колеги, беше реизбрана од страна на Советот на јавни обвинители.
Во моментов времен шеф на ОЈО ГОКК е обвинителот Трајче Пеливанов кој ја менува Вилма Русковска која во август беше суспендирана од страна на републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Нејзината суспензија следуваше откако против неа беше поведена дисциплинска постапка и беше поднесена кривична пријава во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција (УФП)на 18 јули. Русковска за суспензијата поднесе и жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована односно ја потврди суспензијата. Поранешниот директор на УФП, Арафат Муареми, тврдеше дека претресот е незаконски и поднесе и кривична пријава за овој случај, а Русковска пред десет дена беше да даде исказ во ОЈО Скопје, кое е надлежно за случајот. Според нејзината тогашна изјава, случајот веќе е во истрага и таа се води како осомничена. Меѓутоа, со оглед дека на презумцијата на невиност, тоа не беше пречка таа да се пријави на огласот и да побара уште еден мандат за шефица на ОЈО ГОКК, функција на која беше избрана во 2018 година.
Доколку таа не биде реизбрана на 7 ноември, пак, Обвинителството за гонење организиран криминал ќе добие нов шеф „однадвор“, со оглед дека тројцата противкандидати во моментов се обвинители во други обвинителства.
Кандидатот Ермон Незири во моментов е обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, каде му е и заменик на актуелниот шеф Гаврил Бубевски.
Ислам Абази и Деса Пауновска, пак, се актуелни обвинители во Вишото јавно обвинителство Гостивар. Абази е и актуелен шеф на ова обвинителство на кое беше избран во ноември 2018, кога Русковска стана шефица на ОЈО ГОКК. Пауновска, пак, пред да стане работи во гостиварското Вишо обвинителство, претходно беше и која претходно беше и членка на Советот на јавни обвинители, како и основна јавна обвинителка во Тетово.
Еден од четворицата кандидати, кој ќе победи на изборите, за нов шеф се очекува да биде назначен до 14 ноември, кога ѝ истекува мандатот на Русковска. Тоа го наложуваат и законските рокови со оглед дека по денот на гласање (7 ноември), Советот на јавни обвинители има рок од седум дена да го именува оној кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО ГОКК.