Новите врховни судии денеска дадоа свечена заклетва во просториите на Судскиот совет.
Тие беа избрани на седница на 7 февруари 2020, а станува збор за судиите: Марјана Лазарова-Трајковска, Наке Георгиев, Лидија Мартинова и Сафет Кадрии.
Новоизбраните судии на Врховниот суд, според соопштението на Судскиот совет, заклетвата ја дале пред претседателот и членовите на Судскиот совет.
Кои се новите судии во Врховен?
Мирјана Лазарова-Трајковска – како највисоко рангирана, едногласно беше избрана за судијка за кривичната област во Врховниот суд. Таа е поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а била и уставен судија во периодот од 2003 до 2008 година. Во нејзината професионална биографија се запишани повеќе работни места во МВР во периодот од 1988 до 2001 година, краток период работела и во Секторот за човекови права во МНР, а од јули 2002 до мај 2003 била претседателка и на Државната изборна комисија.
Сафет Кадрии – е вториот избран за судија кривичар во Врховен. Тој во највисокиот суд се сели од Апелацискиот суд Скопје каде што исто така е судија кривичар од 2009 година. Тој од 2003 работел и како државен советник во Уставниот суд каде што беше и портпарол. Кадрии бил и државен секретар во Министерството за правда во периодот од 2001 до 2003 година.
Лидија Мартинова – и таа, исто како и Кадрии, преминува во Врховниот суд од скопска Апелација. Мартинова ќе биде судијка за граѓанска област. Во Апелацискиот суд таа беше избрана во 2009 година.
Наке Георгиев – тој ќе биде врховен судија за граѓанска област. Трансферот го направи од позицијата претседател на Апелацискиот суд Штип. заедно со Мартинова за предмети од граѓанската област. Во биографијата на Георгиев е запишано дека станал судија во струмичкиот Основен суд во 1997 година, а во 2004 е избран за судија во штипска Апелација. Претседател на овој суд станал во ноември 2017.
На седницата на 7 февруари, кога беа избрани овие судии, Судскиот совет избра уште 13 други судии за останатите судови. Повеќе детали околу останатите судии можете да прочитате ТУКА.